Паметен град или „смарт сити“, всушност, е концепт на функционирање што се карактеризира со користење напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на животот и обезбедување подобри услуги за граѓаните. Имено, концептот на паметен град се однесува на повеќе аспекти: планска урбанизација на општините, квалитетен јавен транспорт, правилен и одржлив развој на руралните делови и нивно поврзување со урбаното јадро, а исто така се однесува и на користење на технологиите заради имплементација на еколошки политики, кои освен што ќе ја штитат животната средина, ќе заштедуваат и голема сума пари…
Почна имплементацијата на проектот „Скопје паметен град“
Градските власти од неодамна почнаа со имплементација на проектот „Паметен град“. Проектот, освен што технолошки е значително напреден, тој финансиски ќе биде значително олеснување за градскиот буџет бидејќи ќе заштедува огромна сума пари. Меѓутоа овој проект не е само тоа. Станува збор за еден обемен проект што од Скопје ќе направи град на ново ниво, во кој граѓаните ќе можат преку интернет-апликации да дознаваат каде има слободни паркинзи, но и ќе можат онлајн да комуницираат со градските институции заради сопствените потреби. Сето тоа значи дека ќе се намали користењето автомобили што значи дека ќе се намали непотребната емисија на штетни гасови, а исто така и ќе се воведат дополнителни мерки што ќе значат зголемување на еколошката свест на градот.
ШТО ЗНАЧИ ПАМЕТЕН ГРАД
Паметен град или „смарт сити“, всушност, е концепт на функционирање на еден град или урбано подрачје што се карактеризира со користење напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на животот и обезбедување подобри услуги на граѓаните.
Концептот на паметен град се однесува на повеќе аспекти. Планска и хумана урбанизација на општините, квалитетен јавен транспорт, инклузивен процес при креирање на политиките што ги засегаат граѓаните, правилен и одржлив развој на руралните делови и нивно поврзување со урбаното јадро, а исто така се однесува и на користење на технологиите заради имплементација на еколошки политики, кои освен што ќе ја штитат животната средина, ќе заштедуваат и голема сума пари. Честопати се истакнува дека концептот на паметен град е начин на живеење, начин на размислување на граѓаните и подигнување на квалитетот на животот.
Еден од проектите што се дел од овој концепт е и автоматската локација на градските автобуси и електронската наплата во нив. Со тој проект граѓаните во реално време имаат податоци каде се наоѓаат автобусите и кога ќе пристигнат, додека, пак, со електронската наплата значително им се олесни работата на возачите, кои сега можат да се фокусираат исклучиво на безбедното сообраќање низ градот.
Дел од овој проект можат да бидат и градските паркиралишта, за кои преку апликација граѓаните би можеле да добијат точни податоци за тоа каде има слободно паркинг-место, со што би се заштедило горивото што се троши, а со тоа директно би се намалила емисијата на штетни гасови што возилото ги емитува.
Проектот „Паметен град“ се однесува и на апликации за состојбата на патиштата, кои би ги информирале граѓаните за реалната состојба на патиштата за да избегнат дополнително заглавување во сообраќајниот метеж.
ПРВИ ЧЕКОРИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ
Градските власти информираат дека веќе работат на имплементација на проектот „Паметен град“, со кој се подготвуваат поголем број модули за дигитализација на ден од услугите што ги нудат градот и јавните градски претпријатија.
– До овој момент, Град Скопје со група компании на чело со „Македонски телеком“ потпишал договор за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град или т.н. „смарт сити“ – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека концептот е многу поширок од само паметно осветлување.
– Самиот концепт е многу поширок од само паметното осветлување, каде што е предвидено креирање платформа што е модуларна и може да прими најразлични софтвери што би биле предмет на обработка. Ќе биде брзо презентирана и апликацијата „Мое Скопје“, со намера да им се овозможи и на граѓаните да бидат интерактивни, како и дигитализацијата што нема лимит. На пример, кога би влегле на еден паркинг од „Градски паркинг“, каде што може да се види дали има место на паркингот, кое место, во кој правец да се движите, да ви даде сугестија за поблиско паркирање… Исто така, ќе биде дигитализирана и целата комуникација со граѓаните, односно, ќе можат да поднесуваат документи и изготвување решенија, ќе може да резервираат и билети за настани што ќе ги организира Градот – велат градските власти.
Оттаму истакнаа дека првичната придобивка ќе биде со воведување на паметното лед-осветлување, со кое ќе се револуционеризираат осветлувањето и неговото менаџирање и ќе се намалат трошоците во оваа област.
– Со проектот е предвидено и поставување на повеќе од 12 илјади лед-светилки, како и дигитализација на системот за осветлување каде што со помош на паметните алатки осветлувањето ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно, зависно од движењето на луѓето, затемнетоста на околината, кога има магла… Со овој проект очекуваме заштеда за околу 60 до 70 проценти во одржувањето на осветлувањето, кое Град Скопје во моментов го чини околу еден милион евра годишно – нагласуваат од Градот.
Покрај паметното осветлување, предвидена е изработка на платформа за дигитален град, која подразбира изработка и интеграција на модули за систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода, како и градски портал за ИоТ.