Зошто морам да им се извинам на моите родители? Затоа што им ги остававме нашите деца во текот на летото, не размислувајќи колкава одговорност им товариме на грбот. За волја на вистината, секое лето по завршетокот на учебната година и тие мене ме носеа или праќаа во село кај родителите на мајка ми, каде што со постарите братучеди и братучетки ги поминував летата, учествувајќи во сите дневни работни активности, примерени на мојата возраст. За тоа време, моите врсници одеа на базен, а навечер во кино. Додуша, денешните деца имаат многу повеќе удобност и можности за организирање на денот, но тие се исто така и неспоредливо повеќе неорганизирани отколку што бевме ние на нивна возраст.
Расфрлани, оставени и заборавени предмети станаа обележје на оваа генерација внуци, чиј најдобар другар е технологијата.
Како и да е, сакам да им се извинам на моите родители. Да им кажам дека сега не би ги оставил тукутака своите деца и заминал, не грижејќи се дали може да им се случи нешто. Притоа заборавав на тоа колку многу мене лично ми недостигаа моите родители, токму во оние вечерни часови кога требаше да се оди на спиење, а носталгијата го стегаше грлото и ги полнеше очите со солзи.
Секако, сакам да им се извинам. Не со тоа што ќе запалам свеќи на нивните гробови и ќе однесам свежо полско цвеќе за камените вазни, исфрлајќи го претходно она старото, исушено и скршено. Ќе им кажам дека длабоко се каам што не разговарав повеќе со нив, како што не разговарав ни со моите деца онолку колку што сега би сакал да го правам тоа со своите внуци. А тие често не ме разбираат. Знам јас дека ова е нивно време. Пребрзо дојде и признавам дека не го разбирам доволно. А жалам за она време без телевизори, апарати и современа техника, која можеби донесе напредок, но и нѐ отуѓи едни од други.
Затоа сакам да им се извинам на моите родители. Можеби по малку и на моите деца, кои сметаа дека ги издаваме со тоа што ги оставаме без она нашето: а сега веднаш во кревет! На кои кај баба и дедо им беше забрането она што им го дозволувавме дома и многу повеќе го користеа кај моите родители она што, по правило, им беше забрането од нас.
Не знам дали ќе го прифатат ова задоцнето извинување, но знам дека никогаш не сум се нашол во ситуација татко ми да ми јави дека син ми паднал на брадата и со забите си ја искинал и повредил усната, за јас да го прашам: А каде беше ти?
Па, затоа мора да му се извинам и на мојот син, кому денес му јавив дека неговиот син, а мој внук, падна во мое отсуство и си ја раскрвави усната – исто како мене, кога една вечер во Сребреничка Бања, некаде во втората половина на педесеттите од минатиот век, трчајќи по некои деца, паднав и си ја раскрвавив усната, на која и денес стои лузна. И исто како што тој, една вечер во доцните часови кон крајот на седумдесеттите, се сопна и налета на радијаторот во нашиот стан во блокот 45, па го водевме во институтот „Мајка и дете“ во Нов Белград.
И токму затоа уште повеќе ме здоболе она неговото: А каде беше ти? Знаев дека има право да ме праша, зашто ми ги довери децата на чување, без тој да инсистира да ми ги остави, туку јас барав од него да ми ги донесе. Сакав да бидам добар дедо, какви што беа моите родители.
И затоа најмногу им се извинувам токму ним. Зашто не знаев да го почитувам она што тие го правеа за нас. Без да бараат нешто, прифаќајќи без поговор или какви било услови.
„Прости ми, татко“, пееше Оливер, а ние не знаевме за што всушност тој нему му простува, наместо да се извинува. И не е тешко да се каже тоа. Можеби е малку непријатно да се признае.
Затоа сакам да им се извинам на моите родители. Се надевам дека не е доцна. Сѐ уште сум нечиј родител.
Милан Пајевиќ (Неделник)