Фото: Маја Јаневска-Илиева

Своите лични сведоштва и искуства од почетокот на пописот ексклузивно за нашиот весник ги пренесуваат нашинците од Шведска, Австралија, Америка, Канада и од Хрватска. Секој од нив се соочил со слични или различни проблеми и тешкотии, кои, според нив, негативно ќе влијаат на текот и успешноста на целата постапка

МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ АЛАРМИРААТ ЗА ГОЛЕМ БРОЈ ПРОБЛЕМИ И НЕЈАСНОТИИ НА ПРВИОТ ДЕН ОД ПОПИСОТ

Македонските иселеници се соочија со голем број проблеми и нејаснотии на првиот ден од пописот, на кој требаше преку онлајн апликација да ги пополнат пописните прашалници.
Она што го соопштуваат како лично искуство говори дека ДЗС не направила соодветна кампања меѓу иселениците со која ќе ги појасни двосмислените прашања во прашалникот од пописот, што предизвика нервоза и револт, па дури и откажување од намерата на некои од граѓаните воопшто и да се попишат.
– Успешно влегов на страницата на стат.гов.мк. За да се регистрирам и да ги пополнам формуларите за „Пописот 2021“. Се регистрирав. Тој дел успешно помина, бидејќи регистрацијата беше уредно прифатена. Добив лозинка. Се логирав и почнав.
По неколку минути, жива нервоза ме изеде. Прво, јас не престојувам во друга земја. Јас живеам во таа друга земја. Престојувам кога доаѓам во Македонија. Та, нели, лични карти поради тоа не можевме (и не требаше) да вадиме. Бидејќи не живееме на таа адреса, туку живееме во друга земја подолго од три месеци. Така се дефинира тоа во Законот за живеалиште и престојувалиште врз основа на кој пополнувавме картончиња со кои потврдивме дека сме се отселиле.

Освен ако пописот не е правен за надничари што по три месеци одат некаде во странство, па потоа излегуваат, па повторно се враќаат. ЕМБГ еднаш го пополнив при регистрацијата. Потоа уште двапати и на крајот, на третиот „прозорец или група прашања“, системот не го прифаќаше – говори за своето попишувачко искуство Ацо Каланоски од Гетеборг, Шведска.
Според него, има целосна нејаснотија за термините домаќинство и семејство.
– Направена е вистинска каша-попара со термините домаќинство и семејство, наместо да се одвојат со прашања што многу поедноставно ќе ги прикажат работите. Непотребно, до степен што иритира. На моменти дури и неразбирливо. Не сум сигурен дека ќе се има трпение со пополнувањето, особено со генерациите што зборуваат македонски јазик, но немаат (разбирливо) развиено чувство за детали со кои се обременети формуларите. Тоа едноставно ќе се игнорира и толку – категоричен е Каланоски.
Ицо Најдовски-Перин од Мелбурн, Австралија, реагира дека државата не сторила ништо за да ги информира македонските граѓани надвор од земјата за почетокот на пописот.
– Јас не успеав ниту да го добијам линкот, затоа што ние воопшто немаме никакви информации од „Северна“ тука, во Австралија, ниту Конзулатот, ниту Амбасадата, ниту, пак, од Заводот за статистика на Македонија имаме некакви информации. Македонската заедница во Австралија воопшто не е информирана за пописот и дека започнува денеска (се мисли на 1 март). Тоа е едно кукавичино јајце снесено и излетано од седалката – нагласува Најдовски.
Тој уште додава дека дополнителен проблем е што голем дел од постарата популација не знае да користи интернет .

– Не сите знаат да раководат со интернетот и да отвораат линкови каде што можат да се попишат. Не е тоа толку лесно. Треба некој да им објасни на нашите луѓе како да се попишат. Втора работа е што Република Македонија воопшто не водела сметка за нас досега во Австралија. Во изминатите 30 години многу е мал бројот на луѓе со државјанства овде, во Австралија, кои поседуваат матичен број што може да се внесе и да го отвори линкот и да се регистрира. Мислам дека тоа намерно се правеше во изминатите години, бидејќи македонската заедница во Австралија е најкрупна и најорганизирана, но истовремено најмногу е запоставена и деградирана – категоричен е Најдовски.
И Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора се соочил со проблеми во обидот да се попише.
– Се обидов да се попишам, имаше некакви компликации на почетокот, но успеав некако да ја пополнам првата страница, но потоа видов дека во „семејство“ треба да се одбере опција и јас како сам, без жена и деца, немав опција да го внесам тоа. Подоцна ќе се обидам да видам дали ќе работи тоа – вели Колоски.
Тој појасни дека, според искуствата на луѓето во Америка, Канада и во Австралија, нема практика да се попишуваат оние што живеат надвор.
– Оваа практика ни е многу нова, многу нејасна и не ја разбираме причината зошто се попишуваме. Пописна популација е пописна популација во државата, така што оставаме на индивидуално ниво кој како сака и доколку сака да се попишува. Дефинитивно не гледаме причина зошто да се попишуваме. Има други начини за пребројување на дијаспората – додава Колоски.
Според Ангел Митревски, Македонец што живее во хрватскиот град Сплит, на страницата за попис од странство податоците не се доволно јасни.
– За жал, на страницата за попис од странство толку се прикриени податоците, што и сам не можеш да ги видиш, па не ти се остава можност и сам да исправиш некои свои грешки. Се прашувам, пак, зошто толкава таинственост. Зарем морам да ги штитам моите податоци од самиот себе – прашува Митревски.
Тој додава дека станува збор за површна работа, направена набрзина, за да се задоволи нечија директива.

– Најверојатно многумина од нашите ќе се откажат од попишувањето поради вакви глупости и слично – истакнува Митревски.
Според него, пописот на населението во Македонија, гледано од негова гледна точка, е еден од најголемите проблеми на Република Македонија.
– Затоа што тој не е направен од пописот од 2001, затоа што од него произлегуваат сите права и сите проблеми во Р Македонија, затоа што уште пред да се направи, истиот тој не се признава доколку не бидат реализирани одредени проценти од одредени национални малцинства, кои се услов за некои нивни права (по рамковниот договор од Охрид), а исто така затоа што ваква сериозна работа не се работи во време на светска епидемиолошка пандемија, да не речам катастрофа – вели Митревски.
Тој смета дека овој попис требало да се одложи за неколку месеци, додека не се вакцинира поголем дел од населението и не се смири епидемиолошката состојба во Р Македонија. С.Т. и М.В.