УЕФА, која засега се држи до првичниот план ЕП да се одржи во 12-те града, во Лондон, Глазгов, Даблин, Амстердам, Копенхаген, Санкт Петербург, Билбао, Минхен, Будимпешта, Баку, Рим и во Букурешт, им даде рок на сите градови-домаќини до почетокот на април да кажат дали ќе бидат во можност да примат гледачи на стадионите и со колкав процент од капацитетот, пишува АФП

ФУДБАЛ

До почетокот на Европското првенство (ЕП) во фудбал, кое лани беше одложено за годинава, остануваат точно 100 дена, но постои голема неизвесност за тоа како и каде точно ќе се одржи ова натпреварување, кое минатата година беше одложено поради пандемијата на коронавирусот, пишува агенцијата АФП. Воведниот натпревар Италија – Турција треба да се одигра во Рим, на 11 јуни, а најмогу, седум натпревари, на стадионот „Вембли“ во Лондон, вклучувајќи ги полуфиналињата и финалето, на 11 јули.
Одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) завршниот турнир првпат да го организира низ целиот континент, во 12 земји, беше логистички предизвик дури и пред да стапат во сила ограничувањата за меѓународни патувања поради ширењето на ковид-19. Врвниот фудбал успеа да продолжи благодарение на ригорозните протоколи за тестирање, но се играше без гледачи, некои мечеви на неутрален терен.
УЕФА засега се држи до првичниот план, ЕП да се одржи во 12-те града, во Лондон, Глазгов, Даблин, Амстердам, Копенхаген, Санкт Петербург, Билбао, Минхен, Будимпешта, Баку, Рим и во Букурешт. Но УЕФА им даде рок на сите градови-домаќини до почетокот на април да кажат дали ќе бидат во можност да примат гледачи на стадионите и со колкав процент од капацитетот.

– Гледачите се голем дел од она што го прави фудбалот посебен. Мора да направиме максимални напори за нивно враќање на стадионите – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во последното јавно обраќање за ова прашање, во јануари, пренесе АФП.
Можно ли е Англија да го организира целиот турнир? Патничката логистика и економските последици од играњето ваков турнир зад затворени врати ја принудија УЕФА да разгледува планови и за непредвидени ситуации, а тоа доведе до гласини дека целиот настан може да се пресели во една земја, ако тоа значи повеќе продадени билети, пишува АФП. Програмата за вакцинирање во Велика Британија ја надминува онаа во другите земји-домаќини на ЕП, постојат повеќе големи стадиони на клубови од Премиер-лигата што се на располагање, како и можности за сместување потенцијални илјадници гледачи, поради што се појавија шпекулации дека Англија би можела да го организира целиот турнир. Портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли овие најави минатата недела како „шпекулации“, пишува АФП. Британската влада најави дека од 17 мај ќе биде дозволено на стадионите да присуствуваат до 10.000 лица, а полни стадиони би можеле да се видат најрано од 21 јуни.


Вторпат 24 репрезентации,првпат во 12 града

На Европското првенство (ЕП) годинава ќе настапат 24 репрезентации, 20 повеќе од првиот турнир во 1960 година во Франција. Финален турнир со четири репрезентации опстојуваше до ЕП 1976, во тогашна СФРЈ, а на ЕП 1980 во Италија, бројот на земји учеснички се зголеми на осум. На шампионатот во 1996 година во Англија првпат играа 16 репрезентации, а сегашната бројка од 24 селекции првпат беше воведена за минатото ЕП, во 2016 година, во Франција
Завршниот турнир првпат ќе се одржува во 12 града низ целиот континент, наместо во една или во две земји, во чест на 60-годишнината од првиот турнир. Првпат во завршницата на едно ЕП четири репрезентации, Македонија Унгарија, Словачка и Шкотска се квалификуваа преку плејофот во новоформираната Лига на нациите (ЛН).
Најуспешни со по три титули првак на Европа се Германија (1972, 1980 и во 1996 година) и Шпанија (1964, 2008 и 2012 година). Франција има две титули (1984 и 2000), а по една СССР (1960), Италија (1968), Чехословачка (1976), Холандија (1988), Данска (1992), Грција (2004) и Португалија (2016). Л.Д.