Во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, германската канцеларка Ангела Меркел призна дека луѓето ја одбиваат вакцината на „Астра зенека“ затоа што се загрижени за ефективноста и безбедноста на вакцината, што пак е последица на лошиот публицитет.
– Има проблем со прифаќањето на вакцината на „Астра зенека“. Тоа е сигурна вакцина, безбедна и ефикасна. Одобрена од ЕМА, а во Германија се препорачува за лица под 65 години. Сите релевантни органи ни велат дека ова е вакцина на која можеме да и веруваме. Во време кога нема доволно вакцини, не можеме да избереме со што ќе се вакцинираме – рече Меркел во едно интервју.
Меркел одговори дека таа нема да се вакцинира со вакцината на „Астра зенека“ бидејќи има 66 години и не спаѓа во групата на која и беше препорачано да се вакцинира со „Астра зенека“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, изјави дека со задоволство би прифатил да се вакцинира против Ковид-19 со вакцината на „Оксфорд“/„Астраз енека“ доколку се понуди кога ќе дојде неговиот ред.
– Со оглед на најновите научни студии, ефикасноста на вакцината на „Астра зенека“ е докажана – им рече Макрон на новинарите по виртуелниот самит на Европската Унија, пренесува „Ројтерс“.
– Мојот ред ќе дојде, но имам време. Ако се работи за вакцина што ми е понудена, секако ќе ја примам – додаде францускиот претседател.
Макрон предизвика вчудовиденост во Велика Британија откако претходно оваа година рече дека вакцината дејствува „квази-неефикасно“ меѓу постарите од 65 години, потсетува „Ројтерс“.