Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра девет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа дури 41 роман. Жири-комисијата во првата селекција одбра 18 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, в петок, на 15 март.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.