Лајпциг – Ливерпул во Будимпешта, во вториот дуел утре, ќе биде и дуел помеѓу двајца врвни германски тренери, младиот Јулијан Нагелсман и поискусниот и потрофеен Јирген Клоп. В среда играат и Порто – Јувентус и Севилја – Борусија Д, а другите четири меча се идната недела
По повеќе од двомесечна пауза, со првите четири натпревари закажани за утре и за задутре, почнува осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Барселона со Лионел Меси и со тренерот Роналд Куман на стадионот „Ноу камп“ го пречекува европскиот вицепрвак ПСЖ, предводен од новиот тренер Маурисио Почетино, за кого тоа ќе прв меч во ЛШ сезонава, со Килијан Мбапе, но без првата ѕвезда Нејмар, кој е повреден, но се очекува да закрепне за реваншот на 10 март.
Двата тима играат променливо сезонава, но на вакви мечеви не е битна моментната форма, бидејќи често решаваат моментната инспирација, добриот индивидуален потег или, пак, грешка. Овој двомеч е шанса за реванш за францускиот клуб, кој сигурно го нема заборавено поразот со 1-6 во реваншот по убедливата победа со 4-0 и елиминацијата во осминафиналето во сезоната 2016/2017.
Ланскиот полуфиналист Лајпциг се среќава со Ливерпул во Будимпешта, во дуелот помеѓу двајца врвни германски тренери, младиот Јулијан Нагелсман и поискусниот и потрофеен Јирген Клоп.
– Тој е голем, голем тренерски талент – изјави Клоп за Нагелсман пред три години, кога Ливерпул се сретна со Хофенхајм во плејофот во ЛШ и неговото мислење не е променето оттогаш.
В среда, Кристијано Роналдо (36) со Јувентус се враќа во родната Португалија, на мечот против Порто, кој нема примено гол 467 минути во ЛШ. „Старата дама“ силно го посакува трофејот во ЛШ, каде што има многу порази во финалињата.
Севилја ја пречекува Борусија Дортмунд, која во своите редови го има младиот Норвежанец Ерлинг Холанд, најдобриот стрелец сезонава во ЛШ, со шест гола, и покрај тоа што не настапи на последните два натпревара во групната фаза.
Утре играат Барселона – Пари сен Жермен и Лајпциг – Ливерпул, в среда Порто – Јувентус и Севилја – Борусија Дортмунд, на 23 февруари Атлетико – Челси и Лацио – Баерн, а на 24 февруари Аталанта – Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити.