Откако Кина ја забрани употребата
Кина од неодамна забрани користење телефони во училиштата откако таква одлука донесе Министерството за образование на оваа држава, која е меѓу првите во светот според производството и развојот на новите технологии. На учениците нема да им биде дозволено да носат мобилни телефони во училиште без писмена согласност од родителите. Властите велат дека сакаат да им го заштитат видот на младите, да ја подобрат нивната концентрација и да спречат зависност од интернет. Училиштата се охрабруваат да најдат други начини на кои родителите можат да комуницираат со децата во текот на училишниот ден.
Слична е ситуацијата и во Франција, каде што законодавците во 2018 година гласаа за забрана за употреба на телефони во основните и во средните училишта, со образложение дека децата под 15 години мораат да ги држат своите мобилни телефони далеку од очите додека се во училишните простории. Во соседството забрана е воведена во Грција и во Албанија.
Ваква забрана веќе се практикува и во голем број македонски училишта, иако во повеќето случаи станува збор за индивидуална одлука на општини и училишта. Настава без мобилни телефони има и во некои училишта во скопските општини Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, како и во Куманово, Охрид и други градови во земјава.
Едно од првите училишта во земјава што воведе забрана за користење мобилни телефони во текот на наставата е ООУ „Јан Амос Коменски“ во скопската Општина Карпош, која официјално од 11 септември 2019 година, исто така ја воведе оваа мерка во училиштата на својата територија.
– Очигледно е дека брзиот развој на технологијата придонесе новите генерации од многу помала возраст да се запознаваат со сите технолошки ИТ-уреди за комуникација и непречено да ги користат. Но сепак имаме чувство како во таа брзина да се подзаборави малку на правилата на комуникација, на правилата на соодветно однесување со мобилните уреди, дали е тоа дома, на работа, во училиште, надвор, во кафуле, на улица. Како сѐ да се остави на етиката и совеста на секој од нас. Понекогаш размислуваме дека навистина е потребно правилно да се насочуваат сите, а особено младите како да ги користат овие уреди, зошто им се потребни, кои се соодветни начини на користење без ризици и многу други прашања – вели Елизабета Ивановиќ, психолог во ООУ „Ј.А. Коменски“.
Според неа, сето тоа нѐ доведува до мислата дека е потребно дигитално описменување. Како што учат да пишуваат правилно така треба да ги учиме најмладите на култура на користење на мобилните и ИТ-уредите и технологии.
– Ќе прашате зошто? Па затоа што мислејќи дека никој нема да открие што се случува ваму-таму по секакви социјални мрежи, блогови, сајтови, впуштјќи се во најразлични комуникации, кои не се соодветни за нивната возраст, играјќи игри голем дел од своето слободно време, се оттргнуваат од реалноста, се отуѓуваат, стануваат зависни, стануваат насилници или жртви на сајбер-насилство. Но, за жал, многу лесно се открива сѐ и се влегува во трага на сите активности преку мобилните уреди – вели Ивановиќ.
Таа дополни дека со намера да се заштитат децата во ова училиште во учебната 2017/2018 година е изработен интернет-правилник за користење мобилни уреди.
– Иницијативата за изработување на правилникот произлезе заеднички, од учениците, наставниците и родителите во училиштето. Така, во изработката учествуваа сите и во почетокот на учебната 2018/2019 година почна да се применува во нашето училиште. Ефектите беа видливи, на часовите имаше подобра дисциплина и почитување, се намалија непотребните ѕвонење и вознемирувања со мобилните телефони, наставата се следеше со поголемо внимание и концентрација. Во второто полугодие од учебната 2018/2019 година имавме активна соработка со здружението за дислексија „Ајнштајн“ во реализација на проектот „Вклучи внимание“. Во овој проект беа вклучени сите наставници, ученици и родители, не само во анкети туку и во панел-дискусии. Од оваа соработка произлезе и претставувањето на нашиот интерен правилник за мобилни телефони, кој беше прифатен како правилник за користење мобилни телефони за време на часовите од организаторите на проектот. Исто така со овој проект во нашето училиште во учебната 2019/2020 година беа доставени организери за чување на мобилните телефони за време на настава. Организерите се користеа во предметната настава од шесто до деветто одделение. Освен за телефоните на учениците, имаше простор и за телефоните на наставникот, кој ја реализира наставата на часот – објаснува Ивановиќ.
Според Татјана Георгиевска, наставничка по Етика и Граѓанско образование во ова скопско училиште, оваа одлука придонела за јакнење на свеста кај учениците за потребата од правилно и соодветно користење на мобилните уреди, почитување на правила и активен придонес во подобрување на вниманието и концентрацијата во следењето на наставата.
– Секако, во правилникот постои можност за користење на мобилните уреди за време на наставата, но со претходна најава од предметниот наставник до учениците. За доследно почитување на кој било правилник важно е да сте дел од неговото изработување, да сте запознаени со неговата намена, како и со педагошките мерки што следуваат од непочитување. Сево ова придонесува за креирање култура на однесување со мобилните уреди, која треба да се негува од најмала возраст затоа што овие уреди се важен дел од нашиот живот, дел од секојдневната комуникација, релации, врски, договори и сѐ што ни е важно и значајно во животот. Ова е значајно и сега со онлајн наставата за време на пандемијата. Сите комуникации ни се преку мобилните уреди и интернет-апликации и програми. Сега културата на правилна комуникација е уште поважна. Треба да се достави информација, која ќе му го каже на соговорникот она што вие сакате да му го пренесете. Затоа е потребна дигитална култура пред сѐ и поради соочување и правилно надминување на ризиците што со себе ги носи несоодветната комуникација со мобилните уреди кај учениците и возрасните – вели Георгиевска.