Случаите на лица вселени без правна основа во становите на АД за стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката се евидентираат и констатираат од страна на лица вработени во теренска контрола на друштвото, велат во компанијата
Жители на една од зградите во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката тврдат дека во нивниот влез имаат диво вселени станари. Новите станари, како што објаснуваат староседелците, веројатно влегле прекуноќ, бидејќи никој од зградата не го видел нивното вселување. Повеќето само констатирале дека од претходно празниот стан сега наутро излегуваат, а навечер се враќаат непознатите соседи. Она што знаат станарите е само дека празниот стан е сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Од акционерското друштво не ни дадоа информации за статусот на конкретниот стан и неговите нови станари, а во моментот не беа во состојба ниту да не информираат за тоа со колку станови стопанисуваат и која е нивната намена.
– Случаите на лица вселени без правна основа во становите на АД за стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката се евидентираат и констатираат од страна на лица вработени во теренска контрола на друштвото – се вели во дел од одговорот на Сања Јовановиќ Дамјановска, портпаролката на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
На нашите прашања како постапуваат со диво вселените лица, имаат ли податоци колку станови се регуларно доделени, а колку диво вселени, од друштвото не добивме конкретни одговори.
От таму се повикаа на членот 10 и членот 11 од Законот за домување, дека во случај на вселување на лице во стан без склучен договор за закуп, сопственикот на станот има право да го врати правото на владение на станот по претходно побарана помош од органот надлежен за внатрешни работи, без водење управна, односно судска постапка. Додавајќи дека правото на заштита на владението со дозволена самопомош се остварува во рок од 30 дена од денот на сознанието за повреда на владението и за сторителот на повредата, но не подоцна од една година од настанатата повреда на владението.
На нашите прашања дали во друштвото имаат процена колкави се штетите на диво вселените станови, кој го надоместува тоа и каква е одговорноста на лицата што диво влегле во некој стан, велат дека процена на штета се утврдува за секој стан поединечно од страна на стручна служба на друштвото, и тоа врз основа на записник по извршен увид во фактичката состојба, но не соопштија вкупна сума за досега направена штета на нивни станови.
– Моменталниот број на случаи на лица вселени без правна основа е менлив и условен од судските постапки што се водат против нив. За констатираните случаи на лица вселени без правна основа се водат постапки пред надлежните институции – вели портпаролката Јовановиќ Дамјановска.
Бутелчани велат пред дваесетина години имало случаи на диво вселување и во населбата Скопје Север, во таканаречените кули, кога неовластено, бесправно цели семејства се вселувале во празни станови на тогашното јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Некои од нив во тогашните куќни совети не придонесувале со ништо и не плаќале за заеднички трошоци, за чистачка, за лифт и слично.
– Имав школска другарка што самата ми кажуваше дека се диво вселени во трисобен стан во кулите во Скопје Север. Нејзиното петчлено семејство со години живееше во тој стан и на почетокот, кога се вселија, многупати се плашеа кога некој ќе им заѕвонеше на врата, стравуваа да не ги иселат, а потоа се навикнаа и со години живееја во станот, сѐ додека не се иселија во странство – раскажува скопјанката Маја Серафимовска.
За ваквите станови од друштвото велат дека во 2011 година решавала комисија на Влада и некои од вкупната бројка на диво вселени добиле можност да ги купат становите, а некои да станат закупци. Сето ова велат дека траело само шест месеци. Од друштвото ни рекоа дека не се во можност да ни презентираат бројка на станови што тогаш биле диво вселени поради некои актуелни состојби.
– Со стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за домување, во 2011 година на лицата корисници на стан без правна основа им се овозможи да го регулираат статусот, и тоа преку купување на станот или преку негов закуп. На повикот се јавија повеќе од 80 отсто од овие лица – информираа од друштвото.
Од Регулаторната комисија за домување, пак, велат дека ваквите случаи не се во делокругот на нивното работење и кај нив немало пријави за диво вселување, бидејќи станарите доколку имале проблем со вакви примери, најчесто ги пријавувале во полиција.
– Во случаи кога диво вселените не ги исполнуваат обврските од заедничкото живеење, тогаш станарите ништо не му можат на диво вселениот, туку тие судски ќе го гонат сопственикот на станот – вели Ракип Маловски, претседател на Регулаторната комисија за домување.
Во јавноста многупати во различни градови се спомнувале и познати имиња на лица што диво живееле со години во државни станови.
Инаку, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, како еден од правните следбеници на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, својата дејност како правно лице ја почна на 3.6.2011 година. Приоритетна дејност на Акционерското друштво е издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг). Предмет на работење се дејностите што се однесуваат на изградба и стопанисување со станбениот простор и со деловниот простор од значење за Републиката.