Пандемијата на ковид-19 ги промени вообичаените комуникациски текови и наметна обврска компаниите да се дигитализираат за да продолжи комуникацијата, но и да ги одржат своите бизниси. Поради ширењето на вирусот, сите средби од типот на разни саеми или деловни средби беа откажани, но тоа го забрза процесот на дигитализација на компаниите, кои се преориентираа кон интернет-комуникација.
– Новиот начин на комуникација се наметна поради неможноста за средби со физичко присуство и патување во странство. Нашите компании се дигитализираа најмногу во делот на комуникацијата, со користење комуникациски платформи. Исто така се модификува работењето, во смисла на работење од дома за сите служби за кои не е неопходно физичко присуство, а тоа бара и соодветен хардвер, виртуелна приватна мрежа и пристап до компаниските ресурси, виртуелни канцеларии, работење и складирање на податоците во облак (cloud) и слично. Новонастанатата криза на светско ниво донесе огромни промени во функционирањето на сите нивоа на компаниите. Ограничени од рестриктивните мерки, беа имплементирани солуции за работење во дистанционен режим, или дигитализација на сите можни нивоа. Во голема мера ова важи и локално, компаниите инвестираа во дигитализација, но и други аспекти есенцијални за функционирањето на бизнисот – велат претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Дополнуваат дека многу од компаниите се насочија кон интернетот како еден од најважните продажни, но и логистички канали. Истакнуваат дека дури и едукацијата и обуките продолжиле да се прават преку виртуелни семинари (вебинар) и комуникациски платформи во неможност на физичко присуство.
– Саемите се заменија со виртуелни и расте бројот на интернет-продавници. Примената на новите алатки, како наоѓање/црпење податоци, аналитика на податоци, процесирање големи податоци, дигитален маркетинг, персонализиран маркетинг, е многу поголема. Телеком-операторите бележат дуплирање и триплирање на интернет-сообраќајот и потреба за нови капацитети кон глобалниот. Поради здравствената криза се прави забрзано дигитализирање на образованието, се појавуваат нови индустрии, а одредени индустрии од областа на компјутерските игри имаат рапиден пораст – истакнуваат од СКМ.
Посочуваат дека поради пандемијата, традиционалните состаноци се префрлија на комуникациски алатки, како Тимс, Зум, Скајп и слично, но истовремено ова наметнало обврска и за хардверски адаптации преку соодветна опрема за вработените.
– Иако голем дел компании се адаптира, забележани се и случаи каде што некои од нив се соочија со предизвици во делот на комуникација со клиенти и комерцијално работење, продажба и маркетинг, каде што брзото дигитализирање не е толку едноставно. Можеме да кажеме дека сите компании во поголема или помала мера имаат дигитални стратегии за нормализирање на работењето, особено во делот на комуникациите – истакнуваат од СКМ.

Дигитализацијата ја зголемува можноста за пораст на приходите во компаниите, вели претседателката на Сојузот на Стопански комори на Македонија, Данела Арсовска и истакнува дека со неа се овозможува конкурентска предност.
– Kористeњето дигитални технологии за промена на деловен модел обезбедува нови приходи и можности за создавање додадена вредност во деловните процеси. Дигитализацијата носи конкурентска предност и овозможува работните процеси да се извршуваат подобро, побрзо и со помали трошоци. Овој процес е неопходен за зголемување на конкурентноста, особено за натпревар за водечките позиции во секторот во кој се дејствува, како и за успешен деловен раст и развој. Пандемијата дефинитивно го забрза процесот на дигитализација, но проблем е што дигитализацијата бара инвестиции, кои потешко се обезбедуваат во услови на криза. Затоа сметаме дека е потребно да се обезбеди подобра поддршка на процесите на дигитализација, особено на микро и малите претпријатија, како и да се развијат соодветни модели за воведување дигитални процеси – посочи Арсовска.
Претседателот на Организацијата на работодавци во Македонија, Ангел Димитров, посочува дека генерално заостануваме зад светските трендови во поглед на примената на современата технологија, што е резултат на структурата на нашето стопанство, бидејќи доминираат микро, мали и средни компании, со ниска дополнителна вредност и дејности, каде што доминира мануелен труд.

– Дури и компании што дојдоа во технолошко-индустриските развојни зони не ја променија многу структурата. Образованието мора да се подигне на повисоко ниво и свидетелствата и дипломите да гарантираат одредено ниво на знаење. Во спротивно, компаниите се принудени да вложуваат во дополнителни обуки и преквалификации, кои им ги зголемуваат трошоците и ги прават неконкурентни. Од друга страна, компаниите мора да инвестираат во современа опрема, машини, во нова технологија, што не е лесно. Во услови на немање доволно сопствен капитал, компаниите се соочуваат со нарушена ликвидност и големи трошоци за камати, а за евентуално инвестирање единствен начин им е преку ново задолжување – објаснува Димитров.