Повеќе од десет години македонските телевизиски оператори емитуваат албански, српски, хрватски, босански и други регионални канали, а од пред две години на дел од локалните телевизии на истокот на земјата се емитуваат и неколку бугарски канали. Сето ова е само потврда дека Македонија е отворено, вистински мултиетничко општество и нема скриени намери кон никого. Од друга страна, немањето реципроцитет во емитувањето македонски канали во некои од соседните земји го наметнува прашањето со какви намери тие го избегнуваат реципроцитетот по оваа основа
Информацијата дека од 1 март во македонскиот етер ќе почне да се емитува програмата на Бугарската национална телевизија и на Македонската телевизија во Бугарија го означи почетокот на реализацијата на дел од точките што се спомнуваа во нон-пејперите што двете земји пред извесно време си ги разменија, а со цел официјална Софија да ја крене рампата за македонските евроинтеграции.
Македонија и досега имаше искрен и отворен пристап за емитување на телевизиите на соседите во македонскиот етер, а од друга страна македонските содржини тешко се пробиваат на телевизиските платформи во соседството.
Македонија е лидер во регионот и пошироко за дадени малцински права
Имено, повеќе од десет години македонските телевизиски оператори емитуваат албански, српски, хрватски, босански и други регионални канали, а од пред две години на некои од локалните телевизии на истокот на земјата се емитуваат и неколку бугарски канали.
Сето ова е само една од низата потврди дека Македонија нема скриени намери кон никого, но, од друга страна, немањето реципроцитет во емитувањето македонски канали во некои од соседните земји ја наметнува дилемата дали другите земји настапуваат со најискрени намери.
Дел од македонската јавност изразува скепса, особено поради регистрираната практика на емитувањето на Бугарската национална телевизија во Македонија во овој момент, а имено дека на оваа телевизија се емитуваат содржини што ги негираат македонскиот народ, јазик и историја и токму во тоа гледаат пропаганда на ставовите на официјална Софија, но и можност за дополнителни тензии. Оттаму произлегуваат и мошне ригидните реакции во јавноста од страна на некои политичари.
Има ли клима за интегрален двонасочен пренос на ТВ-сигналите
Според Зоран Иванов, новинар и политички аналитичар, сега воопшто нема клима за интегрален двонасочен пренос на сигналите и ТВ-програмите меѓу двете национални телевизии.
– Оваа иницијатива, која засега е уште еднострана, виси во воздух, бидејќи од бугарска страна уште нема најава дека се расположени за својата ТВ-публика интегрално да ја пренесуваат првата програма на националната телевизија на Северна Македонија. Мислам дека ова актуелно време на зовриени меѓудржавни политички околности не е добра почва за реципрочна размена на телевизиските сигнали. Се плашам дека од оваа благородна цивилизациска иницијатива, наместо плодови, ќе никне нов плевел. Затоа, би било добро националните телевизии на двете држави да се поттикнат на соработка во оние тематски продукциски области каде што во овој момент ќе си најдат интерес, а такви се образовните, културно-уметничките, естрадните, драмските, филмските и спортските телевизиски програми – смета Иванов.
Според него, поради актуелната констелација на односите меѓу двете земји, оваа иницијатива е осудена на неуспех.
– Вака, како што сега стојат работите, иницијативата за реципрочна размена на програмите на БНТ и на МТВ, за жал, во старт ќе доживее крах на полето на информативните и на документарните програмски теми и се плашам дека поради тоа ќе пропадне и можноста за размена на голем бројни и посакувани ТВ-емисии од другите тематски области мошне корисни и посакувани за граѓаните на двете држави – заклучува Иванов.
Сличен став има и Виктор Грозданов, кој постојано ги следи состојбите во медиумската сфера, кој вели дека европска практика е да се разменуваат програмски содржини меѓу земјите, но под услов тие да не ги нарушуваат авторските и сродни права во таа држава, како и позитивните законски прописи и, се разбира, уставниот поредок.
– Доколку БНТ го наруши уставниот поредок во Македонија со своите содржини, во ист момент АВМУ може да го прекине реемитувањето. Истото важи и за МТВ. Што ќе се случи ако бугарската телевизија ја најави „Зајди, зајди“ како бугарска песна? Ова само може дополнително да ги заостри односите меѓу двете земји – смета Грозданов.
Поранешната пратеничка Лилјана Поповска од ДОМ има многу поригиден став.
– Не може бугарска телевизија во Македонија, имате ли ум, луѓе?! Внесувате официјална антидржавна пропаганда, како Егзархијата во 19 век? Но тогаш сме биле во Отоманска Турција, а сега во самостојна држава ова да си го правиме? Ова е национално самоубиство – револтирано пишува на својот фејсбук-профил поранешната пратеничка Лилјана Поповска од ДОМ.
Емитувањето ТВ-канали е еден од начините да се намалат тензиите меѓу двете земји
Директно упатен извор во преговорите со бугарската страна за реемитувањето на БНТ во земјава за „Нова Македонија“ вели дека ова е еден од начините да се намалат тензиите меѓу двете земји што кулминираа изминатите неколку месеци.
– Мислам дека при емитувањето на содржините ќе внимаваат и едните и другите во оваа фаза. Ние мора да се обидеме во ова време на градење мерки на доверба, медиумите, особено националните телевизии, да одиграат сериозна улога на приближувањето. Значи во делот на мерките на градење доверба меѓу двете земји, медиумите имаат исклучително важна улога. Не се согласуваат сите со ова, има и скриени замки, но, во секој случај, треба да се обидеме – вели изворот, кој инсистираше на анонимност.
Според него, можно е некои од документарните програми да предизвикаат дополнителни контроверзии, но важно е да не се попречува целиот процес.
– Сега треба да се реализира овој дел што беше неспорен, а тоа е соработката на медиумите како организиран одговор на обидите за говор на омраза во двете држави. Би било идеално да имаме соработка и со другите соседни земји, но нашиот хендикеп е тоа што МРТВ не е на сателит и тоа треба што поскоро да се врати – наведува изворот.
Тој уште појаснува дека БНТ веќе извесно време се реемитува во Македонија од друг оператор.