ЕУ мора да изгради капацитети да спречува злоупотреба на својата моќ од земји-членки што сѐ уште не ги практикуваат во потполност европските стандарди. Последните изјави на бугарските министри, па и на бугарскиот претседател, помалку смешно, а повеќе трагично, звучат како да одѕвонуваат од 19 век. Во бугарската политика спрема Македонија како да е всадена традиција на придржување до сѐ уште постојните длабоки корени на болшевистичките, а потоа и на фашистичките принципи на градење политики на исклучивост и нихилизам кон одредени нации и малцинства
Речиси во секојдневните изјави поврзани со Македонија на бугарските актуелни и поранешни политички функционери, со „стандардната“ доза на историско-идентитетска провокација, најчесто се надоврзува и тон на ултраекстремни изјави. Без никаква задршка, злоупотребувајќи го Договорот за добрососедство, позицијата на членка на ЕУ, поткрепена со опсесивните фрустрации од постоењето на македонизмот, Бугарија речиси воопшто не се обѕира на фактот дека Македонија е суверена држава. Притоа, бугарските политичари воопшто не сметаат дека реакциите и сугестиите за организирање на образованието во насока на почитување на правата на малцинствата во Македонија се толкуваат како прекршување на Договорот за добрососедство и мешање во внатрешните работи на друга земја. На пример, правото на изучување на српскиот јазик за малцинството во Македонија не беше од официјална Софија протолкувано како малцинско право плус, обезбедено во нашата земја, туку како атака на Бугарија?! Понатаму, и самото споменување на македонско малцинство во Бугарија го квалификуваат речиси како територијално загрозување на нивната земја!?
Аргументите што Софија смета дека тежат за нив, всушност се на нивна штета
Таквото однесување на бугарските политичари предизвикува реакции и во тамошната јавност.
Бугарската правничка и блогерка Радосвета Василева, која се декларира како борец против корупцијата и кршењето на човековите права, упати остри критики спрема министерката за надворешни работи Екатерина Захариева за нејзините последни изјави поврзани со Македонија.
– Екатерина Захариева постојано дава нови докази дека е најмалку компетентниот министер за надворешни работи што го имала Бугарија. Македонија објави дека ќе им овозможи на учениците опционално да учат српски јазик. За Захариева, ова е предавање на Русија и на Србија! Последен пат кога проверив, во многу бугарски училишта може да се изучува рускиот по желба. Исто така, постојат руски средни училишта. Врз основа на „совршената“ логика на Захариева, Бугарија технички е вазална држава на Русија… Која си ти, госпоѓо Захариева, да ѝ кажуваш на друга држава со кои земји да одржува културни врски и на кој начин – реагира бугарската општествена активистка Радосвета Василева на изјавите на министерката Захариева.
Бугарскиот претседател Радевпредничи со радикалните ставови
„Патерналистичкиот“ однос со асимилаторски намери на бугарската политика спрема Македонија како да е всаден во својата традиција на придржување до сѐ уште постојните длабоки корени на болшевистичките, а потоа и на фашистичките принципи на градење политики на исклучивост и нихилизам кон одредени нации и малцинства. Тоа беше манифестирано и во изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев. Критикувајќи ја бугарската влада (со која се на спротивни внатрешнополитички позиции) за неуспешноста во претставувањето на бугарските аргументи пред ЕУ за ветото на македонските евроинтеграции, Радев всушност сугерира на поагресивен упад и влијание врз македонското културно-општествено милје, за Македонците „да не се плашат да признаат дека се Бугари“.
– Склучувањето договори меѓу државите е редовна меѓународна практика. Но злоупотребата на тие договори е најчеста појава на Балканот. Во конкретниот случај, Бугарија целосно се изгуби во своите емоции, предизвикани од нашето македонско барање да се соочат со нивната романизирана историја од времето на Тодор Живков и Божидар Димитров и целосно ја злоупотреби позицијата на земја-членка на ЕУ. Ова е прв случај во историјата на ЕУ некоја земја-членка да го спречува проширувањето на Унијата под изговор, всушност желба да изврши асимилација на земја-кандидатка. Бугарија сосема го напушти т.е. целосно го надмина заедничкиот Договор за добрососедство и сите нејзини дејства против Македонија се во спротивност со одредбите на тој договор. ЕУ мора да изгради капацитети да спречува злоупотреба на својата моќ од земји-членки што сѐ уште не се целосно европеизирани. Последните изјави на бугарските министри, па и на бугарскиот претседател, помалку смешно, а повеќе трагично, звучат како да доаѓаат од 19 век, од времето на тоталитаризмот, чии принципи очигледно се вградени во бугарската институционална меморија, но и кај радикални поединци како Радев.
Тие си дозволуваат да сугерираат одлуки на суверена и независна држава, без притоа да ги тангира на каков било начин нивните интереси. Доколку Бугарија вистински сака културна соработка со Македонија, прво треба да ја спознае и признае нашата посебна македонска култура, особено македонскиот јазик. Потоа може да очекува простор за блиска соработка меѓу нашите две култури. Тоа што споделуваме дел од културите од минатите векови, не значи дека е обврзувачки за нас да ја споделуваме и иднината, во која Бугарија ќе биде газдата, а Македонија – чиракот. Тоа не се европски вредности и тоа не смее да се случи со злоупотреба на ЕУ – вели македонскиот политичар Петар Богојевски.
И нашата преголема доверба кон Бугарија придонесе да стапнеме во жив песок
Уште кога беа прифатени и потпишани договорите за соработка со соседите, како исполнување своевиден предуслов за одблокирање на евроатлантските и европските интеграции, во македонската јавност беа гласни предупредувањата дека македонските политичари настапуваат со преголема доверба во европеизираноста и искреното почитување на европските вредности кај соседите членки на ЕУ. Слични предупредувања беа искажани и за речиси безрезервната доверба спрема креаторите и поддржувачите на овие договори од меѓународната заедница. Притоа, како целосно да беше игнорирано децениското (па и вековно) негативно искуство во негирањето на македонското постоење од старите соседи, сега под плаштот на ЕУ. Дури и нашиот премиер во низа наврати јавно ја изразуваше длабоката верба во искреноста на соседите, кои се покажаа како непринципиелни.
– Договорите со соседите, како Преспанскиот договор, така и Договорот за добрососедство со Бугарија, оставија отворен простор за загрозување на суверенитетот на Македонија. Беше политички наивно (или можеби се настапи со премногу доверба во ветувањата за брзо членство во НАТО и во ЕУ) да се верува дека Грција и Бугарија нема да го искористат таквиот простор за задоволување на своите интереси и фрустрации, особено кога ја имаат привилегијата на членството во ЕУ.
Покрај сета асиметричност на договорите, можеби уште понаивно беше што воопшто не се бараше гаранција од меѓународниот фактор дека со нивно потпишување, поддршката за НАТО и за ЕУ нема да биде понатаму условувана од соседите. Сепак, тие договори, колку и да им даваат одврзани раце на соседите, не значат дозвола за загрозување на суверенитетот на Македонија и мешање во нејзините внатрешни работи. Во таа смисла треба да се оцени дали и во колкава мера Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство, а за договорот со Грција што и во која временска рамка (не) треба да се применува од наша страна. Непочитувањето и прекршувањето на договорите од другата страна исто така ѝ даваат за право на Македонија барем да ги стави под мраз, додека не се отвори процесот на пристапување со ЕУ – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.