Дали е демократско изразување на јавното мислење протест на кој се прогласува ништовна својата татковина, а се велича проектот за голема Албанија, кој не ги признава ниту територијата ниту суверенитетот на Македонија? Дали совпаѓањето на симболите во скорашно пронајдените бункери, полни со оружје, муниција и експлозивни материјали, со декорот на протестите за „Монструм“ е случајно?
Јавни собири со гласни милитантни, националистички и антидржавни пораки
Какви се тие пораки испратени на јавните собири на минатонеделните протести во Скопје за судскиот случај „Монструм“? Можно ли е сѐ уште да постојат лица, поединци и групи што демонстрираат сила во јавноста зачинета со закани и повици до една милитантно екстремистичка организација одговорна за воени злосторства во Македонија? Дали е демократско изразување на јавното мислење протест на кој се прогласува ништовна својата татковина, а се велича проектот за голема Албанија, кој не ги признава ниту територијата ниту суверенитетот на Македонија? Дали совпаѓањето на симболите во скорашно пронајдените бункери, полни со оружје, муниција и експлозивни материјали, со декорот на протестите за „Монструм“ е случајно?
Во своја опсервација на оваа тема социолозите, политиколозите и преставниците на институциите со кои се консултиравме велат дека секое „заживување“ на духот на милитантната организација УЧК во домашната јавност и нејзиното воодушевено скандирање на протести не носат добри вести за меѓуетничките релации на граѓаните во земјата и за нејзината ЕУ-перспектива.
Повикот „УЧК“ е гласен и отворен повик да се посегне по оружје
Граѓанскиот активист Џабир Дерала во својот коментар за актуелните случувања вели дека оние што протестираа и извикуваа УЧК практично не го ни знаат значењето на повикот.
– Имено, повикот „УЧК“ во колективниот менталитет подразбира повик за оружје кога на народот му е нанесена одредена неправда. Во овој случај јас би рекол дека иако некои од протестантите беа полнолетни, тие во суштина немаат темелно и длабинско познавање на она што го извикуваа. Според мене, проблемот лежи во оние што ги мотивираат овие протести и оние што го организирале целото случување и кои имаат одредена корист населението да извикува повици за војна. Од друга страна, повикот на УЧК нема комплетно негативна конотација, туку се идентификува со желба за промена. Јас сум сигурен дека во Скопје дали само 15 или 20 лица од присутните ја разбираат симболиката на името што го изговараа. Па, оттука, одговорноста за овој настан, кој има негативна конотација со повик за оружје, треба да се бара кај неговите организатори – вели Дерала.
Дерала резимира дека употребата на УЧК во денешен контекст нема никаква логика освен историска, бидејќи организацијата не постои ниту во земјата ниту во регионот, а она што сепак треба да нѐ загрижува е зошто некој би сакал да го повика населението на оружје, а истовремено и властите во земјата не треба да дозволат некој да биде изземен од политичка или фактичка одговорност за иницирањето на овие настани.
Учковците ги продлабочуваат поделбите во општеството
Социологот Илија Ацевски вели дека ако се анализира проблемот поврзан со неодамнешниот случај „Монструм“ и со скандирањето „УЧК“ од протестантите против судскиот случај, лесно може да се види дека сето тоа е синхронизирано.
– Оние луѓе што со скандирањето се идентификуваа со организација, на некој начин со УЧК, не им мислат добро ниту на државата ниту на народите во оваа земја ниту на нашето општество – вели Ацевски.
Социологот вели дека ваквите несакани појави, за жал, се доказ дека нашето општество сѐ уште не се залечило од кризата во 2001-та и воопшто не успеало да го истурка национализмот надвор од местата каде што не припаѓа.
– Претставниците на УЧК се во Владата, Албанка е обвинителка што го води процесот против осомничените во „Монструм“, но, за жал, сѐ уште, и покрај овие факти, во нашето општество има луѓе што на овој начин се обидуваат да влијаат врз судскиот процес и со скандирање УЧК да го идентификуваат со т.н. албански национални чувства и со албанските интереси – вели Ацевски.
Тој тврди дека национализмот е картата што очигледно ја практикуваат оние што сакаат насила да влијаат врз судството, да вршат притисок, или на тој начин да ја стават во заложништво „својата земја“, а начинот на кој институциите сакаат да го практикуваат владеењето на правото да го стават во функција на парадржавни групи или касти.
Социологот советува дека, сепак, политичарите во овој момент имаат голема обврска пред себе, да се обидат да го расчленат овој проблем до неговите корени, да го осудат јавно и да најдат начин да не дозволат да продолжи ваквата практика.
Разгорувањето на меѓуетничката омраза е колосален чекор назад за државата
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на својот фејсбук-профил силно го осуди скандирањето „УЧК“ на протестот за случајот „Монструм“.
Според Ангелов, скандирањето од ваков тип ја разгорува меѓуетничката омраза и не му оди во прилог на процесот на помирување.
– Силна осуда. Скандирањето „УЧК, УЧК…“ за време на кој било протест или друг јавен настан, без разлика колкава е бројноста на групата што скандира, ја разгорува меѓуетничката омраза и не му оди во прилог на процесот на помирување, за кој толку многу зборуваме и се залагаме, поради што треба да биде цел на силна општествена осуда од сите значајни општествени фактори. Уште повеќе иритира фактот дека вакво скандирање се случи на протест за случајот „Монструм“, во кој се води судска постапка за сурово убиство на пет недолжни лица – напиша Ангелов.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека ваквите и слични настани координирани од познати центри на моќ се обидуваат да ѝ покажат на меѓународната јавност дека Македонија не е стабилна држава и дека на протестите во државата сѐ уште се живи духовите на војната, што може многу сериозно да им наштети на нашите аспирации на патот кон ЕУ.
– Во моментов нашата држава длабоко се скенира и мониторира од нашите партнери во ЕУ, сега европските земји се скептични за напредокот на Балканот во процесот на проширување и затоа оние што раководат со државата треба да знаат дека Брисел многу внимателни ги следи настаните во Скопје. Оттука, сите настани како оние со протестите за „Монструм“, кои се од безбедносен, но и од политички карактер, може да нѐ посочат дека сме нестабилни како држава и да ни направат дополнителни компликации на патот кон членството во Унијата, настрана од проблемот што за овој процес го имаме со Бугарија – резимира Стефаноски.
Коинциденција или координација со барањата од протестот за „Монструм“
Уште еден косовски премиер јавно бара референдум за обединување со Албанија. Имено, поранешниот косовски премиер и лидер на движењето Самоопределување, Албин Курти, неодамна изјави дека на Косово треба да му се даде право да се обедини со Албанија со мирни средства, односно со референдум.
Во разговор со уредниците на списанието „Оксфорд“, Курти истакнал дека движењето на чие чело е тој верува дека обединувањето со Албанија не смее да предизвика нов балкански конфликт.
– Ние сакаме да добиеме право на референдум и не сметаме дека насилството е патот до обединувањето – рече Курти.
Тој информирал дека го поддржува обединувањето доколку процесот се одвива на демократски начин, објави приштинска „Коха“, а пренесува РТС.