Колкаво е количеството на нелегално оружје во земјата? Треба ли честите откривања на „бункери“ полни со нелегално оружје, муниција и експлозивни средства да ги загрижуваат граѓаните на Македонија?
Истражување на сиднејскиот универзитет
Неделава полицијата соопшти дека повторно открила подземен бункер полн со оружје и експлозивни материјали во атарот на скопското селото Блаце, близу границата со Косово. Во акцијата на полицијата биле пронајдени две зољи, еден РПГ7, три гранати за РПГ7, нишанска направа, две барутни полнења за РПГ7, девет парчиња муниција 7,62×54 Р и два реденика што биле закопани во земја.
Граѓаните на земјите од регионот
поседуваат околу шест милиони парчиња оружје од различен калибар
Во неодамнешно истражување на Универзитетот во Сиднеј, нашата земја беше рангирана на 20-то место во светот според процентот на нелегално оружје што го поседуваат граѓаните!
Друга аналитичка организација, пак, односно Центарот за контрола на лесно оружје во Југоисточна Европа, лани посочи дека граѓаните на земјите од регионот поседуваат околу шест милиони парчиња оружје од различен калибар, од кои дел е легално вооружување, а дел нелегално. Според организацијата на просторот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија во просек има 30 парчиња оружје на 100 жители, што е дури за 15 проценти повеќе од светскиот просек.
Што покажуваат резултатите на истражувањата кај нас
Некои од домашните експерти сметаат дека е добро да се знае што попрецизна бројка на оружјето што го поседуваат граѓаните, но не треба да се лицитира со бројки, бидејќи и тоа создава тензија во јавноста. Сепак, експертите се согласни дека ова претставува опасност за безбедноста на земјата.
Според невладината организација „Цивил“, во Македонија и до 170 илјади граѓани поседуваат нелегално оружје.
– Ако се направи груба пресметка, во земјата во моментов има 490 илјади парчиња нелегално оружје – вели лидерот на организацијата, Џабир Дерала.
Според него, областите што можат подобро да се регулираат се: едукација на луѓето што поседуваат оружје и контрола на службеното оружје што е во рацете на униформираните лица, како што се полицијата, армијата и агенциите за приватно обезбедување.
– Во овие делови ние имаме констатирано потреба од сериозни ревизии на одредбите што го регулираат службеното вооружување, бидејќи сме сведоци дека токму тоа оружје се користи во трагични инциденти, а понекогаш и во криминал – објаснува Дерала.
Тој додава дека, сепак, поголем проблем за државата е нелегалното оружје, бидејќи врз него нема никаква контрола од институциите.
Благоја Марковски, аналитичар, а порано и дел од тимот што го спроведе разоружувањето по воениот конфликт од 2001 г., смета дека е потребна медиумска кампања бидејќи неколкуте акции за собирање на овој вид оружје дале скромни резултати и тие не го искорениле комплетно овој проблем.
Последните официјални информации што се однесуваат на легално поседуваното оружје велат дека најмногу дозволи за поседување оружје во Македонија се издадени во 2004 година, кога дури 7.147 македонски граѓани добиле документ од МВР дека оружјето го поседуваат легално.