Во период кога процесот на македонските евроинтеграции е со длабока умисла запрен поради ново-старите историско-идентитетски барања на Бугарија, кои оваа соседна земја настојува да ги наметне како европски критериуми за проширување, холандскиот амбасадор во Македонија, Дир Јан Коп, го пренасочува фокусот кон справувањето со корупцијата, која ја посочува како главен виновник за проблематичните македонски ЕУ-интеграции
Корупцијата има значаен удел во проблематизирањето на македонските евроинтеграции
Синтагмата „борба против корупцијата“ речиси е влезена во стандарда употреба во сите препораки, извештаи, оцени…, поврзани со процесот на евроинтеграциите на Македонија. Ставена во контекст на овозможување услови за владеење на правото, како темелен критериум за (на) членството во ЕУ, важноста на борбата против корупцијата секогаш се наметнувала како демократски императив за сите земји-кандидатки за членство, но и за оние што се веќе членки на Унијата. Факт е дека борбата со корупцијата е постојан предизвик и претставува појава за која нема гаранции дека е темелно искоренета, без опасност повторно да се појави, дури и во најпринципиелно уредените општества.
Во период кога процесот на македонските евроинтеграции е повторно запрен поради нови историско-идентитетски барања на Бугарија, кои оваа соседна земја настојува да ги наметне како европски критериуми за проширување, холандскиот амбасадор во Македонија, Дир Јан Коп, во едно интервју за македонски медиум освестувачки го пренасочува фокусот на предизвиците кон справувањето со корупцијата.
– Корупцијата е состојба на умот на целото општество: од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па до луѓето што се подготвени да платат поткуп, оние што носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние што во март носат подароци за учителките на своите деца. Постојната корупција исто така води кон потреба за наоѓање политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени.
Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност. Она што е потребно се, секако, јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот за корупција и кронизам при јавните вработувања, кои се усвоија како дел од проект финансиран од Холандија, а кои сега треба да ги спроведат министрите Шаќири и Николовски – вели холандскиот амбасадор Коп, како оцена на досегашните резултати во Македонија од справувањето со предизвиците на коруптивноста.
И покрај конкретната аргументираност во наведувањето на формите на коруптивно однесување во Македонија, сепак шокирачки прозвучи квалификацијата на холандскиот амбасадор дека „корупцијата е состојба на умот на целото општество“.
– Не можам да се согласам со генерализирачка констатација дека корупцијата е состојба на умот на целото македонско општество. Ниту е состојба на умот на секој македонски граѓанин, ниту може да се зборува за некаква коруптивна култура на општеството. Коруптивноста е состојба карактеристична за државата и нејзините институции, која предолго трае, што речиси е системски вградена. Во таква системска поставеност, иако неформална и нелегализирана, човек честопати се наоѓа во безизлез и не наоѓа начин како поинаку да се справи со административните пречки што се појавуваат во неговото секојдневно функционирање. Ако може да се наречат коруптивно однесување постапките на граѓаните за полесно справување со поставеноста на системот, тие се одговор на состојбата на околностите во државата.
Не може да се превиди дека голем фактор во создавањето и одржувањето на таквите коруптивни состојби во државата има целиот процес на евроинтеграциите на Македонија. Ако не поради друго, само и поради оставањето можност да се создаде „заробена држава“, поради долготрајноста и специфичните услови за почеток на преговори за членство во ЕУ – вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел – Македонија.
И покрај неприфаќањето на квалификацијата за коруптивноста како состојба на умот на сите македонски граѓани, односно постоење на коруптивна култура во општеството, Тасева сепак не е задоволна од заложбите и справувањето на државата со корупцијата. Претседателката на Транспаренси интернешнел -Македонија цени дека сите заложби за напредок во борбата против корупцијата се само декларативни. Таа вели дека државните функционери постојано зборуваат за борба против корупцијата, но реално нема никаков напредок во законските реформи што би придонеле за некаква перцепција на вистински заложби за нејзино спречување. Притоа, за Тасева е неприфатлив аргументот за незаинтересираност (што значи и одобрување) на преземање акции против хроничниот проблем со корупцијата, дека оваа појава постои и некаде на друго место, во други општества, па и во ЕУ.
– Ги прифаќам сите критики во врска со коруптивноста во државниот систем, но не прифаќам дека тоа е состојба на умот на целото општество – категорична е Тасева.
Од друга страна, Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМЦ, смета дека токму поради корупцијата, која во голема мера е причина за слабата економија, ЕУ не ја гледа Македонија како „подобна за да биде во нејзино друштво“.
– Мислам дека е тоа сосема точна дефиниција за состојбите со корупцијата во македонското општество, како што можеби предиректно ја соопшти холандскиот амбасадор. Нашите истражувања на МЦМЦ го потврдуваат тоа со години. Последните 15 години корупцијата е меѓу најголемите 5 проблеми во државата (а последниве неколку и во првите три). И покрај промената на власта пред четири години, продолжи падот на листата за перцепција на корумпираност на Транспаренси интернешенл (дури и до 100-то место), а и кај нас (виктимолошки анализи) притисокот за корупција е зголемен (на над 35 проценти од граѓаните им е побарано мито), а и отпорот кон корупцијата е намален (односно зголемено е давањето мито, исто така над 30 проценти граѓани дале мито). Со тоа, корупцијата е повеќе од раширена и е сеприсутна, па, така, холандскиот амбасадор, а и повеќето извештаи од ЕУ за Македонија (вклучувајќи го и тој за прогресот кон евроинтеграциите) се во право. Дали и колку е тоа поврзано со конкретнава блокада од Бугарија е дискутабилно, но сигурно е дека ниту е само Бугарија, ниту беше само Грција (Франција прва го покажа тоа), а ниту беше проблемот само во името, ниту е сега ова со јазикот… поголемиот проблем се внатрешните реформи, пандемската корупција (на сите нивоа) и поради тоа – слабата економија, поради што сме далеку од тоа ЕУ да нѐ гледа како подобни за во тоа друштво – вели Александар Кржаловски од МЦМС.