Куба се надева дека годинава ќе произведе 100 милиони дози од својата вакцина против коронавирус и ќе ја вакцинира целата популација, најави директорот на институтот „Финлеј“, кој управува со два од четирите проекти за вакцина кои се во фаза на клинички студии.
– Имаме капацитет да произведеме 100 милиони дози од „Соберане 2“, која е најнапредниот кандидат за кубанска вакцина – изјави Висенте Верес пред новинарите, додавајќи дека фазата на производство е веќе започната.
Според него, ако сè оди како што треба, целото население на Куба ќе биде вакцинирано оваа година.
– Во февруари ќе почнеме клиничко испитување на педијатриската популација, така што вакцината може да се примени и на деца – рече тој.
Целта е да се започне општа вакцинација на Кубанците во првата половина на годината. Вакцината ќе биде бесплатна, но не и задолжителна. Верес рече дека ќе им биде понудена и на туристите.
Куба има четири кандидати за вакцини: „Соберана 1 и 2“, „Абдала“ и „Мамбиса“, сите во фаза на клинички испитувања. Првите три се даваат со инјекција, четвртата е спреј за нос.
Доколку некоја од нив добие конечно одобрување, тоа ќе биде првата вакцина против ковид-19 направена и произведена во Латинска Америка.
Иако неодамна се зголеми бројот на случаи, Куба останува една од најмалку погодените земји од пандемијата во нејзиниот регион, со вкупно 19.122 заболени и 180 смртни случаи. Во Куба живеат 11,2 милиони жители.