Во Музејот на современата уметност предавање насловено „Рефлексивен музеј“ одржа Кејт Фаул, водечка кураторка во музејот на современата уметност „Гараж“ во Москва и директорка на Независни интернационални куратори (ИЦИ) во Њујорк.
Основан во 2008 година, музејот „Гараж“ е една од новите институции формирани на почетокот на новиот милениум во напливот на нови уметнички центри во светот што почнаа да се појавуваат одново. Како прв филантропски потфат во Русија, со намера да се конструира сеопфатен мандат за музеј на современата уметност, „Гараж“ еволуира првенствено преку реакција кон променливиот социјален, политички и културен контекст во земјата. Денес, кога се прославува 10-годишниот јубилеј од неговото постоење, вниманието се свртува кон иднината.
Во контекст на современоста на институцијата, прашањето е кои се оние имагинарии што ќе придонесат за унапредувањето на рефлексивен музеј што може критички да придонесе за општеството во 21 век. Кејт Фаул од 2009 до 2013 година била извршна директорка на ИЦИ. Претходно била инаугуративна меѓународна кураторка во центарот за современа уметност „Уленс“ во Пекинг (2007-2008) и претседавачка на магистерската програмата по кураторски практики, која во 2002-та ја коосновала на Колеџот за уметност во Сан Франциско, Калифорнија. Пред да се пресели во САД, Фаул била кодиректорка на „Смит плас Фаул“ во Лондон. Од 1994 до 1996 година била кустоска во уметничката галерија и музеј „Таунер “ во Истборн, Источен Сасекс.