Триесет и седмиот меѓународен фестивал на скулптури од мраз и снег во кинескиот град Харбин е отворен за посетители. Во „ледениот град“ се претставени замрзнати кули, палати и замоци.
Фестивалот во Харбин, град во кинеската североисточна провинција Хејлунгѓанг, е еден од најголемите од ваков вид. На него се претставени високи објекти од мраз и снег, а ќе има организирани активности како што се санкање, хокеј на мраз, леден фудбал, брзо лизгање и алпско скијање.
Се очекува повеќето посетители да бидат домашни туристи, поради мерките за ограничување на движењето заради пандемијата.
Фестивалот првпат бил организиран во 1963 година а беше прекинат за време на Кинеската културна револуција, за да продолжи со оддржување од 1985 година.
За да се изгради овој„леден град“ на мраз, биле извлечени десетици илјади ледени блокови од замрзнатата река Сонгхуа долга еден километар, која минува низ Харбин. Ледените блокови биле пренесувани со камиони на местото на фестивалот, каде што се искористени за изградба на замоци во природна големина, пагоди, мостови, па дури и функционален ресторан.
Ванг Кјушенг, кој вадел блокови од мраз, за агенцијата „Ројтерс“ објаснил зошто требало да користат мраз од реката, велејќи дека „вештачкиот мраз не е толку густ и не е доволно силен за да стои на ветрот“.
Работниците носеле гумени чизми до колена, јакни, дебели нараквици и капи за да ги заштитат ушите од смрзнување.
– Доаѓавме по мразот секој ден во шест часот наутро. Понекогаш требаше да работиме и прекувремено, до 20 или 21 часот, понекогаш и по полноќ. Ледените блокови се поставуваа едни врз други за да се изградат сидови. Потоа работниците по мерки ги обликуваа, засекуваа и сечеа со моторни пили, длета и со друг алат – објаснил Занг Веи за „Ројтерс“.
Сложените ледени структури се осветлуваат ноќе во прекрасен спектар на бои.
Фестивалот е отворен до 25 февруари.