Броените денови на распустот брзо минуваат, па затоа добро е да се прочита некоја од лектирите. Тоа ќе биде поинтересно ако потоа прочитаното се црта и се бои или, пак, се подготвува куклена претстава на таа тема

Катче за родителите

Освен новогодишните и божиќните празници, најголема радост за децата овој период од годината е зимскиот распуст. Иако во периодот на пандемијата многу нешта се сменија, сепак децата, иако повеќето од нив учат онлајн, во изминатите неколку месеци рано стануваа и беа зафатени со учење и разни други активности, па, ете, конечно дојде времето за одмор и релаксација.
Зимскиот распуст се поврзува со долг утрински одмор во студените денови на јануари, но и со снежни лудории доколку времето го овозможи тоа. Децата се најсреќни ако распустот им е зачинет со снег и сигурно повеќето прават планови за сѐ што ќе се случува под ведро небо. Тоа е полн погодок за трошење енергија. Правењето Снешко, удирањето со снежни топки, валкањето по снегот… се нешта што ќе ги раскажуваат веднаш штом ќе се вратат на училишните обврски во второто полугодие.
Но во текот на зимскиот распуст на децата треба слободното време да им се исполни на креативен начин, деновите да им бидат интересни, но и поучни.

Познато е дека палавите момчиња и девојчиња најдобро ги полнат батериите со физичка активност, па доколку баба зима не е дарежлива со снег, тогаш има други варијанти. Утринско искачување на некоја планина е добро за престој на чист воздух, но и попладневна посета на лизгалиште е одлична шанса за релаксација. Црвените носиња и смрзнатите раце и нозе потоа задоволете ги со чај со мед или со чаша топло чоколадо.
Другиот дел од денот може да се искористи за дружење во домашна атмосфера. Извадете го вашиот албум со фотографии од детството и раскажувајте им на децата како вие сте ги поминувале деновите кога сте биле на нивна возраст. Може да се играат друштвени игри, да се читаат приказни, да се изгледа интересен детски филм. Игра што може да ви ги исполни домот со смеа и задоволство е пантомимата.
Во целото планирање на деновите од распустот не треба да изостане учењето.

Децата најдобро ги полнат батериите со физичка активност, па доколку баба зима не е дарежлива со снег, тогаш има други варијанти, но задолжително тоа треба да биде дружење со членовите на семејството и уживање во добрата забава

Но тоа не треба да биде класично, туку може низ игра да се повторат содржините што се изучувале во текот на првото полугодие. Броените денови на распустот брзо минуваат, па затоа е добро да се прочита некоја од лектирите. Тоа ќе биде поинтересно ако потоа прочитаното се црта и се бои или, пак, се подготвува куклена претстава на таа тема.
За жал, овој пат родителите нема да можат да ги однесат децата на креативни работилници по глума, моделирање со пластелин, учење англиски, танцување, но ќе можат да се обидат некои од овие активности да пренесат во домашни услови.
Сепак, размислете добро која активност ќе ја преземете креативно да го исполните слободното време на вашето дете, затоа што тоа заслужува барем десетина дена внимание, дружба и поинаку поминати денови од оние додека оди на училиште или, како што се случува периодов, следи онлајн настава.

М-р Катерина Спасовска Трпковска


Првиот снег

– Дај ми бабо шал и капа,
надвор снегот вее!
Облечи ми топол џемпер
тело да ми згрее.

– Дедо, кажи кај ја стави
санката од лани,
ме чекаат другарчиња
на ридот бел збрани.

– И тебе те канам, бате
на стрмниот брег,
да ме кренеш ако паднам
во мекиот снег.

Стојан Арсиќ (Од книгата „Раскрилени пораки“)