Во очекување на евентуална можност за настап на СП во Египет, во следните седум дена ќе тренираме во Скопје, изјави селекторот Брестовац, кој на располагање има подмладен репрезентативен состав, предводен од Лазаров, Митревски и од Пешевски, но додаде дека ќе објави нов состав ако Македонија добие повик за СП во Египет
РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВЕНТУАЛЕН НАСТАП НА СП
Со синоќешниот тренинг во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската машка ракометна репрезентација ги почна подготовките за „евентуален“ настап на Светското првенство во Египет, односно прва фаза од подготовките за квалификацискиот двомеч со селекцијата на Данска (10 и 14 март), за пласман на Европското првенство во 2022 година во Словачка и во Унгарија.
Светската ракометна федерација (ИХФ) на Македонија ѝ ја додели улогата на „прва резерва“ доколку некоја од 32-те репрезентации поради каква било причина не може да биде дел од 27-от ракометен Мундијал што треба да се игра од 13 до 31 јануари.
Селекторот Данило Брестовац на располагање има подмладен репрезентативен состав од 20 ракометари, кој ќе биде предводен од капитенот Кирил Лазаров, голманот Никола Митревски и од пикерот Жарко Пешевски.
– Во очекување на евентуална можност за настап на СП во Египет, во следните седум дена ќе тренираме во Скопје. Предвидено е да одиграме и два контролни натпревари со селекцијата на Чиле, од кои утрешниот по нивно барање ќе биде од затворен карактер, а вториот ќе го одиграме в сабота – изјави селекторот Брестовац, кој додаде дека доколку Македонија добие повик за СП во Египет, ќе објави нов список.
За претстојните подготовки на подмладениот списокот на Брестовац ги нема стандардните Столе Стоилов, Дејан Манасков, Борко Ристовски, Гоце Георгиевски, Велко Маркоски, Никола Маркоски…