Ниту оваа крајно необична, бурна 2020 година на најбогатите на светот не им беше некаква пречка во трошењето големи пари на уметнички дела, наведува „АртНет“, но кога ќе се погледнат цените постигнати на аукциите, ситуацијата сепак е полоша во однос на лани. Во 2019 година девет од десет најскапо продадени дела на аукциите одеа над 50 милиони американски долари. Оваа година линијата од 50 милиони долари ја поминаа само две уметнички дела. Имено, минатата година во врвните десет имаше многу класични, „проверени“ имиња, како најскапо продадениот Моне, чии „Стогови сено“ во „Сотби“ се продадоа за 110,7 милиони долари, но 2020 година и по тоа изгледа многу различно. Следуваат десетте најскапо продадени уметнички дела во ковид-годината.
1. Триптих инспириран од Есхиловата Oрестија на Фрeнсис Бејкон
Годинешниот рекордер, монументалниот триптих на Бејкон, е продаден во јуни на аукција на „Сотби“, за 84,5 милиони американски долари. Делото инспирирано од Есхиловата „Орестија“ беше во колекцијата на норвешкиот милијардер Ханс Расмус Аструп. Најпродавано дело на Бејкон досега инаку е „Три студии на Лусијан Фројд“, продадено за 142,4 милиони во 2013 година.
2. „Десет погледи на карпа во Лингбиј“ на Ву Бен
Во октомври во Пекинг аукциската куќа „Поли“ понуди ретка кинеска ролна од времето на династијата Минг, десет одвоени погледи на карпа во Лингбиј во провинцијата Анхуи. Делото поттикна жестоко наддавање, во траење од речиси еден час, а на крајот е продадено за 76,6 милиони американски долари, што го прави најскапа кинеска класична слика продадена на аукција.
3. „Акт со весела слика“ на Рој Лихтенштајн
Уште еден хит од јулската аукција на „Кристи“ е еден од актовите на американскиот мајстор на поп-артот Рој Лихтенштајн, од серијата дела со кои во 1990-тите тој се вратил на мотивот на женскиот акт и на своите точкички. По долготрајното наддавање, делото „Акт со весела слика“ го купи колекционер од Азија, за 46,2 милиони американски долари.
4. „Пет пијани принца се враќаат на коњи“ на Рен Ренфа
Кинеската ролна што прикажува пет пијани принца коњаници се продаваше во октомври во Хонгконг, на аукција на „Сотби“, а поттикна наддавање во траење од 75 минути. За 700 години старата слика на кинескиот сликар имало повеќе од 100 понуди, а е продадена за 41,8 милион американски долари.
5. „Кањонот Никлс“ на Дејвид Хокни
Меѓу хитовите на вечерта на аукциската куќа „Филипс“ во декември, на аукција на современата уметност во Њујорк, беше британскиот уметник Дејвид Хокни, односно неговото големо платно „Кањонот Никлс“. Познатиот британски уметник на него прикажува пејзаж во близината на својот некогашен дом во Калифорнија. Делото е продадено за 41 милион американски долари.
6. „Без наслов“ на Сај Томбли
Сликата „Без наслов“ на повлечениот, речиси и митски американски сликар Сај Томбли се продаваше на аукција на „Сотби“ во Њујорк во октомври. Се работи за дело од серијата создадена по вселенската мисија „Аполо 11“. Делото беше продадено за неочекувано ниски 38,7 милиони американски долари.
7. „Четири акта“ на Сању
Кинеско-францускиот сликар Сању за време на својот живот главно бил незабележителен, живеел во Париз во сиромаштво сѐ’ до смртта во 1966 година, но денес се смета за кинески Матис и е еден од најбараните на азискиот пазар на уметнички дела. Неговите четири акта во препознатливиот авторски стил се продадени за 33,3 милиони американски долари во „Сотби“ во Хонгконг.
8. „Без наслов“ на Марк Ротко
Делото на Ротко од 1967 година беше најавувано како едно од врвните на аукцијата на „Кристи“ во Њујорк во октомври. Сликата на познатиот американски апстрактен сликар ја продаваше милијардерот Роналд Перелман, сопственик на „Ревлон“. Ротко се продаде за „само“ 31,3 милион долари. Перелман, инаку, со години е на пописите на најголемите колекционери, но годинава се прости од низа свои дела од Матис, Миро, Рихтер, Џакомети…
9. „Комплементс“ на Брајс Марден
Апстракцијата „Комплементс“ на уште еден американски уметник, 81- годишниот Брајс Марден, е продадена на истата аукција на „Кристи“ во јули, за 30 милиони американски долари. Со тоа е урнат аукцискиот рекорд на овој мајстор на минимализмот. Во 2019 г. негово дело во „Сотби“ беше продадено за 10,9 милиони американски долари.
10. „Онемент V“ на Барнет Њуман
Американскиот сликар и скулптор Барнет Њуман, починат во 1970 г., беше познат по големите монохроматски платна со интензивни бои. На големата аукција во „Кристи“ во јули беше понудено негово длабоко сино платно со патент затворач по средината, мотив што уметникот ќе го развие во 1940-тите. Ова е едно од шестте дела од серијата што ги довршил, а продадено е за 30,9 милиони американски долари.