ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЧАИР, ВИСАР ГАНИУ
Сакам 2021 година да нѐ направи, пред сѐ, посвесни за потребата од мирен соживот меѓу нас без разлика на нашата етничка и верска припадност. Да бидеме похумани, секогаш подготвени во рамките на нашите можности да ја испружиме раката за помош кон оние што најмногу од сѐ имаат потреба за поддршка
Во интервју за „Нова Македонија“, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, вели дека и покрај пандемијата, општината успешно се држела до планираните активности и реализацијата на ветените проекти. Тој раскажува и за предизвиците да се работи во услови на пандемија, но и за тоа кои се најголемите проекти што се реализирани годинава.
Како ќе ја оцените изминатава година како градоначалник?
Изминатата година би ја оценил како година со многу сериозни предизвици, пред сѐ година на соочување со една од најголемите закани кон нашето здравје, ковид-19. Но и покрај тоа, останавме посветени во служба на граѓаните, не престанавме со работа реализирајќи важни проекти секогаш почитувајќи ги и мерките на заштита. Во ниту еден момент не го изгубивме фокусот од реализирањето на ветените проекти и покрај тоа што бевме принудени процесот на работа да го приспособиме на новонастанатите околности наметнати од пандемијата.
Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
Како најголеми реализирани проекти во 2020 година би ги издвоил: изградбата на новата трибина на стадионот на ФК Шкупи и изградбата на спортската сала на основното училиште „Конгреси и Манастирит“. Освен овие, има и многу други реализирани проекти за кои навремено, во согласност со принципот на транспарентност, кој ми е најважен од сите, ги имам известено граѓаните.
Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
Мојата најголема новогодишна желба како градоначалник е што е можно побрзо да се спасиме од најголемиот непријател на нашето здравје – ковид-19 и нормално во очите на сите мои сограѓани и во нивните семејства да видам радост. Сакам 2021 година да нѐ направи, пред сѐ, посвесни за потребата од мирен соживот меѓу нас без разлика на нашата етничка и верска припадност. Да бидеме похумани, секогаш подготвени во рамките на нашите можности да ја испружиме раката за помош кон оние што најмногу од сѐ имаат потреба за поддршка.
Што ќе посакате за вас и општината за 2021 година?
Од самиот почеток на мојот мандат сѐ што имаме сработено има произлезено слушајќи ги објективните потреби на граѓаните и би сакал тоа да биде уште поизразено во 2021 г. На професионален план би сакал 2021 година да биде успешна од аспект на успешно завршување на веќе започнатите работи, но и на реализација на новите планирани проекти. Како што на секој човек му е најважно семејството, исто и јас би сакал 2021 година да ја поминам со моите најблиски во добро здравје и заедно да се радуваме на новите возбудливи моменти, но и заедно со граѓаните како секогаш да ги пребродиме предизвиците што би се појавиле пред нас.
На што ќе се фокусирате во 2021 година?
Ќе се фокусираме на успешно завршување на веќе започнатите работи, но и на реализација на новите планирани проекти.
Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
За крај, на сите граѓани им посакувам пред сѐ многу здравје, среќа и прекрасни моменти во друштво на нивните најблиски. Нека биде 2021-та година на нови успеси, година во која заедно, принципиелно грижејќи се за нашето здравје и здравјето на нашите најблиски, ќе го поразиме ковид-19.