Советот на градот Скопје на вонредна седница едногласно донесе одлука за давање парична помош во износ од милион денари и непарична помош, исто така, во износ од милион денари на настраданите во катастрофалните пожари во Република Грција.
– Денеска е тажен ден за нашиот град. Одбележуваме точно 55 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, а се совпадна на овој ден кога ние треба да возвратиме на хуманоста што нашиот град ја доби од целокупната меѓународна заедница. Според последните податоци што се достапни во овој момент, загинати се 81 лице, а нанесена е огромна материјална штета – рече вчера градоначалникот Шилегов.
И општината Карпош вчера отвори два пункта, на кои ќе собира донации за жртвите и настраданите од пожарите во Република Грција. Првиот ќе биде лоциран во спортската сала на училиштето „Лазо Трповски“ во Карпош 3, додека вториот е во спортската сала на училиштето „Владо Тасевски“, во населбата Козле. За собирање на помошта ќе има и дежурни екипи, а пунктовите ќе бидат отворени од 12 до 18 часот во текот на денешниот ден, додека за време на викендот од 10 до 14 часот.
Во хуманитарната акција се приклучуваат и голем број активисти и хумани сограѓани од Карпош. Исто така, сите граѓани имаат можност да донираат и финансиски средства на трансакциски сметки. Донација на парична помош: жиро-сметка на Фондот на солидарност: 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка. Донирање 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400. Донацијата на средствата е во странска валута.