Србија – Старо-нови идеи за прекројување на балканските граници
„Планот“ на Вучиќ за поставувањето нови граници на Косово би претставувал сериозна закана за безбедноста во регионот и би значел директно поништување на резолуцијата на ОН за неменливост на границите на Балканот, посочуваат повеќе експерти
Концептот на српскиот претседател Александар Вучиќ за расплеткување на косовскиот јазол со ново разграничување на северниот српски дел од Косово од другата територија на поранешната покраина ги распламти страстите во Србија и регионот. Високи политички функционери од Белград, претежно од опозицијата, но и од Српската православна црква, отворено се спротивставија на концептот и разбирањето на Вучиќ за разумен компромис со Приштина, а кој во својата основа содржи „размена на територии“, односно концепт на „коригирање на границите“, преку формирање идна заедница на српски општини од северниот дел на Косово.
Во обидот полесно да им ја продаде својата приказна на српските граѓани, кои во огромно мнозинство гласаа за неговиот избор за претседател на Србија, Вучиќ последните денови излегува со црни прогнози за тоа дека Албанците за неколку години ќе им се приближат до Белград. Последната негова изјава во низа е дека „Србите одамна го изгубиле Косово“, за да порача дека неговата последна линија на одбрана на „српството“ е постигнување сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неделава излезе со драматични прогнози и предупреди на опасноста од ширење на Албанците до Врање, доколку сега не се реши проблемот со Косово. Овие песимистички видувања ги изнесе како одговор на отвореното писмо на рашко-призренскиот епископ Теодосие за тоа дека поделбата на територијата би придонела за иселување на Србите од јужната покраина и ќе настрада културното наследство на Србите.
– Не сакате разграничување со Албанците? Нема проблем, кажете им на луѓето да се подготвиме да го браниме Врање за 40 години. Зар мислите дека нашите не се иселуваат денес? Не сакаме етнички граници, ама затоа сакаме косовската држава, непостојната албанска држава на Косово да исплати 650.000 евра за нашата црква. Тоа го сакаме – изјави Вучиќ пред српските новинари.
Епископот Теодосие во писмото пишува дека е длабоко загрижен за сѐ почестите политички и морално неодговорни изјави на политичарите од двете страни што говорат за „конечно решение“, во контекст на територијална поделба и разграничување на Србите и Албанците. Српскиот владика предупредува на погубните последици за српскиот народ и црквата на Косово и Метохија, како и за државата Србија, доколку решението е поделба и разграничување.
Суштината на ваквите обвинувања, како што рече Александар Вучиќ, е што неговите противници прашањето за Косово го гледаат како терен за уривање на неговата власт. Тој го повтори ставот дека наскоро ќе излезе со предлог за Косово доколку биде постигнат договор со Албанците.
– Нема да одговарам детално и темелно. Ќе соопштам кои светски сили и странски служби имаат исти аргументации за Косово. Не сакаме етнички граници. Никој нешто нема да ни дава нам или да дели. Тие нема ништо да ни дадат. Тие сакаат да ја оневозможат Србија да направи успех и да се посвети на својата иднина – изјави Вучиќ.
Тој ги отфрли обвинувањата дека немале резултати во преговорите со Приштина и за тоа дека изостанал внатрешниот дијалог. Наспроти ова, српскиот претседател продолжува со пласирање тези што одат во насока на подготвување на српската јавност, за објавувањето на конечното решение за Косово, кое се планира кон крајот на годинава. Тој во изјава за загрепски „Глобус“ нагласи дека сите Срби знаат дека Косово е загубено, но дека тој ќе стори сè за да „го врати она што може“.
– Сите Срби знаат дека го загубиле Косово, но јас ќе направам сè што е во моја моќ за да се врати назад она што може, па тоа на крајот да не излезе целосен пораз или целосна загуба – рече Вучиќ за новиот број на неделникот „Глобус“.
„Планот“ на Вучиќ за поставувањето нови граници на Косово би претставувал сериозна закана за безбедноста во регионот и би значел директно поништување на резолуцијата на ОН 1244 за неменливост на границите на Балканот. Тоа би ги поттикнало старите соништа на одредени радикални структури на овие простори и за возобновување на старите ретроградни идеи за размена на територии и на население. Да потсетиме дека една таков бесмислен предлог беше безуспешно „пласиран“ од одредени кругови на МАНУ за размена на териториите на кои живеат македонско и албанско население, во контекст на решавање на воениот конфликт во Македонија во 2001 година, кој, како што знаеме, заврши со постигнувањето на Охридскиот договор, што значеше зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Многу политички аналитичари се согласуваат со ставот дека признавањето на Косово од страна на Белград најпрво би можела да се одрази на меѓуетничките односи во Босна и Херцеговина, имајќи ги предвид изјавите на претседателот на Владата на Република Српска, Милорад Додик, кој по референдумот во Црна Гора, а особено и во последната фаза од решавањето на косовското прашање, ги повторува ставот за тоа дека српскиот народ во БиХ има право на самоопределување.
– Доколку се донесе одлука Косово да добие независност, луѓето овде би се прашале зошто постојат различни стандарди – е изјавата на Додик, која беше пренесувана и од Радио Слободна Европа
Во тој контекст е и изјавата на Мартин Шлецингер, аналитичар од центарот „Вудро Вилсон“ во Вашингтон, дадена во пресрет на можното решение за Косово според т.н. План на Ахтисари.
– Не треба да се залажуваме дека косовското прашање конечно ќе биде решено. Тоа е нонсенс и ставање на главата во песок. Кога станува збор за регионот, какво и да се донесе решение – надгледувана или целосна независност, дури и да се одложи оваа одлука – гледано краткорочно или долгорочно, тоа ќе претставува дестабилизирачки фактор. Американските претставници грешат кога велат дека решавањето на косовското прашање ќе придонесе за стабилизација на регионот. Како може тоа да влијае на намалување на напнатоста ако Србија, која е четири пати поголема од Косово, одлучно се противи на нејзината независност – изјави тој за РСЕ.
Противниците на независноста на Косово сметаат дека тоа би претставувало преседан за другите замрзнати конфликти во светот, а особено негативно би се одразило на Балканот. Гордон Бардош, заменик-директорот на институтот „Хариман“ на Универзитетот во Колумбија во Њујорк, смета дека е илузија да се мисли дека националните проблеми можат да се задржат во рамките на границите на одредена територија.
– Распадот на поранешна Југославија покажа дека судирите лесно ги преминуваат границите. Оттука, проблематичен е ставот дека решението за косовското прашање нема да служи како преседан, односно нема на влијае на другите случаи во светот – забележува Бардош.
Да не се заборави и на последните изјави на албанските лидери од југот на Србија, кои отворено порачаа дека во случај на одвојување на северниот дел на Косово, тие имаат легитимно право да се припојат кон новата косовска држава. На ова се надоврзува и заедничката платформа на трите албански општини во јужниот дел на Србија, со која се бараат исти права како и оние што се бараат од страна на српското малцинство на северот на Косово, што подразбира и избор на албански министри токму во Владата на Република Србија.