Наим Идризи, 3Д-муралист
Наим Идризи е 3Д-муралист. Им дава колорит на ѕидовите, но и ги оживува. Тој е еден од ретките уметници што ја негуваат оваа уметност кај нас. Ги наслика пешачките премини во Куманово, како и многу ѕидови, објекти и локали.
– Навлегов во техниките на 3Д-уметноста на многу спонтан начин. Бев ангажиран на еден фестивал на графити во Приштина. Разговаравме со менаџерот на овој фестивал, Ардијан Ајдини, и тој ме покани да бидам дел од фестивалот. Eдна слика требаше да реализира еден уметник од Холандија, а една јас. За време на разговорот со менаџерот на фестивалот, одлучивме јас да работам 3Д-сликарство, иако немав идеја како се прават 3Д-слики. Одлучив да истражувам и да видам како работат уметниците во светот, бидејќи овде немаше многу вакви уметници. Сега се обидувам да им помогнам на младите уметници полесно да го осознаат овој стил – вели Наим.
Како што ни објаснува Наим, за да се реализира 3Д-сликарство е потребно добро да се осознае локацијата, да се проучи ѕидот, кој е најсоодветниот поглед за сликање, да се фотографира ѕидот и потоа да се разработи мотивот.
– Колку е поголема површината, толку е покомплицирана сликата. Откако ќе ја креирате идејата, се продолжува со скицирање и на крајот со реализација. Периодот на реализација на сликите се разликува од едни од други, има слики што можат да се реализираат за два или за 20 дена и така во зависност што се слика, кои се димензиите на делото – објаснува Идризи.
Во повеќето негови мурали се обидува да пренесе пораки за заштита на животната средина, етничка, родова, верска, политичка толеранција.
– Сепак, не секое дело има порака. Некогаш сликам само за разубавување на просторот, како подарок за граѓаните. Бидејќи јас сум и пионер на овој вид уметност сакам да организирам работилницата на темата 3Д-уметност – вели Наим.
Најчесто користи топли бои. Некогаш слика животни, апстрактни цртежи, пејзажи.
– Магијата на 3Д-муралите е многу едноставна креативност, ако имате замисла и пристапите кон идејата со целото свое битие, дефинитивно ќе излезе нешто убаво. Додека сликам мурали, се чувствувам исполнето. Би сакал мој печат да оставам низ ѕидовите во Европа, зошто да не и во светот, овие се моите амбиции за иднината, сакам да не застанувам, да создавам дела во која било земја на светот, да запознаам луѓе од различни култури, да се поврзам со светски уметници, со локални уметници, со сите што ја делат мојата страст – вели Наим.
Следен негов предизвик е создавање мурал од поголеми димензии.
– Сакам да ја насликам една од најголемите слики во земјите од Балканот, но сè уште нема да ја откријам како идеја, бидејќи тоа е многу голем проект и не знам дали ќе биде возможен. Бара многу големи трошоци, но ако се заврши, мислам дека ова дело ќе биде референтна точка за нашата земја – вели Идризи.