Мојот фокус во наредната година ќе биде ставен на реализација на другите поважни проекти што беа ветени во мојата предизборна програма. Станува збор за изградба на нова поликлиника на територијата на Општина Бутел. Поликлиниката во целост ќе биде сервисирана од Владата, а се надеваме дека за брзо време ќе почнеме со изградбата
ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БУТЕЛ, ВЕЛИМИР СМИЛЕВСКИ
Во интервјуто за „Нова Македонија“, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, раскажува за предизвикот да се работи во услови на светска пандемија, но и за новогодишните желби за себе како градоначалник и за своите сожители во Бутел. Тој исто така раскажува за проектите на кои е најмногу горд, но и за проектите што ќе се реализираат наредната година.
Како ќе ја оцените изминатата година како градоначалник?
– Коронавирусот драматично го промени животот во нашата земја, како никогаш досега. Оваа ситуација нѐ соочи сите нас со многу прашања, грижи и ограничувања во плановите и реализациите. На почетокот на годината кога нѐ зафати првиот бран на ширењето на вирусот, ние како општина, заедно со кризниот штаб што беше формиран, ги фокусиравме приоритетите на дејствување во насока на заштита на здравјето на нашите сограѓани и максимална заложба да се забави ширењето на вирусот. И покрај коронавирусот, во Општина Бутел се работеше на решавање на инфраструктурните проблеми. Можам да истакнам дека имаме реализација на 85 отсто од ветените проекти за изминативе три години.
Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
Во периодот зад нас се реализирани голем број капитални инвестиции што го изменија ликот на општината. Вистина е дека коронавирусот ги ограничи плановите и некои од реализациите на терен, но не се откажуваме од ветените проекти. Општина Бутел има економски раст како никогаш досега. Голем број успешни и познати компании инвестираа во објекти и комплекси во нашата општина. Новите инвестиции се должат на подобрување на бизнис-климата преку решавање на инфраструктурните проблеми на кои интензивно работевме изминатиов период. Оваа година со 13 милиони денари, средства одвоени од буџетот на Општина Бутел, завршува реконструкцијата и проширувањето на патот од Бутел до селото Љуботен со должина од шест километри. Рамномерно се инвестира во локалната инфраструктура, односно во реконструкција на улици и мостови во сите населени места низ општината. Сите објекти на општинските основни училишта се реконструирани со висока енергетска ефикасност, за заштеда и подобрување на условите за престој и учење на децата во градинката, но и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Во спрега со градската и централната власт, Бутел доби два нови модерни булевара, реконструирана е главната артерија на Бутел од улицата Боца Иванова до улицата Бутелска, како и изградбата на водоводната и канализациска мрежа во индустриската зона во Визбегово.
Кoја е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
– Мојата најголема новогодишна желба како градоначалник е да го направам Бутел подобро место за живеење. Оваа година се презедоа многу сериозни и драстични мерки, како воведување на вонредната состојба и ограничување на движењето, беше година на тешки и неминовни одлуки што имаа цел да го намалат ширењето на вирусот. Секако, се надевам дека напролет сето тоа ќе се надмине и ќе успеам да ги реализирам сите ветени проекти за Бутел каков што го замислуваме.
Што ќе посакате за вас и за општината за 2021 година?
– Единствено што посакувам во новата година е да заврши кризата со коронавирусот и целиот наш фокус да го ставиме на навремената реализација на проектите, кои се од исклучителна важност за квалитетен развој и подобри услови на моите сограѓани.
На што ќе се фокусирате во 2021 година?
– Како што напоменав и погоре, мојот фокус ќе биде ставен на реализација на другите поважните проекти што беа ветени во мојата предизборна програма. Станува збор за изградба на нова поликлиника на територијата на Општина Бутел. Поликлиниката во целост ќе биде сервисирана од Владата, а се надеваме дека за брзо време ќе почнеме со изградбата. Потоа следува и изградбата на ветената детска градинка, нова полициска станица и пожарна, за кои веќе имаме предвидено локации. Во 2021 година ќе ставиме и исклучителен акцент во развојот на новата индустриска зона Расадник, која ќе создаде општина со економска иднина и големи можности за развој на малите и средните претпријатија во сите области. Наш приоритет во наредната година ќе биде и заштитата на животната средина како еден исклучително важен фактор за здравјето на сите нас.
Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
– Оваа година беше многу тешка, непредвидлива и турбулентна за сите нас и посакувам што поскоро да ја заборавиме. Во претстојната 2021 година, пред сѐ, посакувам добро здравје за сите. Да ги оствариме сите планови за подобар живот, да имаме среќна, успешна и бериќетна година.