ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА
Милан го постигна најбрзиот гол во Серија А, за шест секунди
Напаѓачот на Милан, Португалецот Рафаел Леaо, го постигна најбрзиот гол во историјата на фудбалската Серија А, по само шест секунди игра, на мечот против Сасуоло, 2-1. Милан објави на Твитер дека голот на Леао бил постигнат по точно 6,2 секунди. „Опта статистика“ потврди дека со тој гол младиот Леао (21) го соборил претходниот рекорд од осум секунди на Паоло Поџи од Пјаченца на натпреварот против Фиорентина во 2001 година.
– Да, се подготвуваме за тоа на тренинг. Постигнавме гол и јас сум среќен поради тимот. За нас овој натпревар беше многу важен, бидејќи испуштивме бодови на последните натпревари – изјави Леао, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Милан и понатаму е без пораз по 13 кола и е на лидерската позиција со 31 поен, еден повеќе од Интер. Л.Д.
ФУДБАЛ – ЦИЕС
Мегваер одиграл најмногу минути во 2020 година
Центархалфот на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер, во календарската 2020 година (до 17 декември) одиграл 4.745 минути (на 53 натпревари), најмногу од сите колеги професионални фудбалери, пишува Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Зад Мегваер на листата (без голмани) се Робен Дијас од Манчестер сити (4.344 минути) и Лионел Меси од Барселона (4.293 минути). Други попознати имиња на таа листа се Бруно Фернандеш од Манчестер јунајтед (4.164), Ромелу Лукаку од Интер (4.144), Виктор Линделоф од Манчестер јунајтед (4.142) и Рафаел Варан од Реал Мадрид (4.123).
Што се однесува до голманите, на врвот на листата е Бразилецот Марсело Ломба од Интернационал, со 4.740 минути на 52 официјални натпревари. Потоа следуваат Велвертон Переира од Палмеирас (4.728), Фернандо Прас од Сеара (4.620) и Тијаго Волпи од Сао Пауло (4.490). Меѓу најдобрите десетмина има и четворица голмани што бранат за европски тимови. Тоа се Словакот Лукаш Храдецки (брани за Баер и за Финска), Џанлуиџи Донарума (Милан, Италија), Јан Облак (Атлетико, Словенија) и Мануел Ноер (Баерн, Германија). Л.Д.
РАКОМЕТ – СО ТИТУЛАТА НА ЕП ЗА ЖЕНИ ВО ДАНСКА
Норвешка се пласира на ЕП 2022 што ќе се игра и во Македонија
Норвешка ја продолжи европска ракометна доминација и осми пат од вкупно 14 одржани европски првенства (ЕП) во женска конкуренција се искачи на највисокото место на пиедесталот. Во финалниот дуел на ЕП 2020 во Данска, Норвежанките беа подобри од бранителот на титулата Франција, која ја совладаа со 22-20. Со триумфот, Норвешка обезбеди директен пласман на СП во Шпанија следниот декември, директен пласман на следното ЕП што во 2022 година ќе се одржува во Македонија, Црна Гора и во Словенија, а Норвешка заедно со домаќините на ЕП 2022 ќе бидат дел од ЕХФ-купот (кој се игра за време на квалификациските средби) што досега се играше само во машка конкуренција.
Својата доминација на ЕП Норвешка ја покажа и низ статистичките податоци, според кои, го има најдобриот напад со просек од 31,7 гол по меч. Заедно со селекцијата на Франција, Норвежанките ја имаа најдобрата одбрана со просек од 22,5 примени гола по меч. Тие ја демонстрираа најтимска игра на првенството споделувајќи меѓу себе 148 асистенции, односно 18,5 во просек по средба, а беа и најбрзата селекција што реализира 47 контранапади.
Најголемото изненадување на ЕП 2020 го направи Хрватска, која од позиција на аутсајдер прво ја освои првата позиција во групата Ц, во главната рунда беше втора, а во мечот за бронзениот медал ја совлада Данска со 25-19. Та.Д.
ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ
Норвешка 8
Данска 3
Франција 1
Унгарија 1
Црна Гора 1