По 10-месечната борба со пандемијата, почина досега најмладата медицинска сестра – жртва на коронавирусот. Станува збор за 40-годишната Ирена Дојчиновска-Милошевска од Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Скопје, која беше голем борец и хуманитарец во и надвор од своите работни обврски.
– Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во која тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори надвор од своите можности – велат од извршниот одбор на Унијата на Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС).
„Сестра Ирена ќе ја паметиме како некој кој несебично се даваше во сите активности поврзани со борбата за сестринските права, ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател. Изразуваме сочувство до семејството и најблиските. Нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден“, се вели во соопштението.