Учесниците во преговорите имаат различни ставови како може да се реши прашањето на (не)работењето во недела. Едни предлагаат да не се менува сегашниот закон, туку повеќе да се бара негово почитување, други се за прецизно законско дефинирање на неделата како неработен ден, трети трагаат по заедничко решение, од кое ќе бидат задоволни и работниците и работодавците…
Дебатата за утврдувањето на денот недела како неработен ден предизвика доста полемики во јавноста изминатиов период. По одлуката на Владата да се разгледаат и пронајдат најдобрите начини неделата да биде ден за одмор, почнаа преговорите меѓу засегнатите страни. Синдикатите, коморите и бизнис-заедницата доставиле свои предлози до Министерството за труд и социјална политика, кое во согласност со ингеренциите треба да го најде најдоброто решение. Надлежните посочија дека станува збор за комплексен процес и истакнаа дека во новото решение мора да се означи оти одредени сектори мора да функционираат и во недела, како здравството, полицијата, противпожарната служба…
Предлозите на учесниците во овие преговори имаат различни ставови како може да се реши ова прашање. Едни предлагаат да не се менува сегашниот закон, туку повеќе да се бара негово почитување, други се за прецизно законско дефинирање на неделата како неработен ден, трети трагаат по заедничко решение, од кое ќе бидат задоволни и работниците и работодавците…
– Според Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), сегашното законско решение само треба да се дополни, во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто. Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота. Со ваква измена сметаме дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис-секторот, од причини што во Законот за работни односи, членот 117 став 5 вели дека „прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно“. Со измена во членот 134, се заштитува работникот од една страна да не може да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот што сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно – вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Како до баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот
Ралповски посочува дека во Конфедерацијата, пред сѐ, се свесни за потребите од рамнотежа и баланс помеѓу професионалниот и приватниот или социјалниот живот на работникот. Тој додава оти е докажано дека работникот е поефективен доколку е задоволен во семејното опкружување, ако гради односи со пријатели, негува традиција, врши дополнителни хоби-активности итн.
– Се залагаме за правилно уредување на неделата како неработен ден, за што е потребно безболно решение за да бидат задоволни и работниците и работодавците, особено оние што работат во недела. Со предлог-законот од страна на Министерството за труд и социјална политика ќе се направи хаос, каде што со подзаконски акти ќе се утврдува кој ќе работи, а кој не. Тоа е дискриминација! Во време на економска криза, многу лесно може да се случи поради неработење во недела да се намалат платите и да се отпуштаат работници. Поради тие причини сметаме дека нашиот предлог е најприфатливо решение за сите засегнати страни – истакнува Ралповски.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија (СКМ) сметаат дека и важечкото решение во членот 134 од Законот за работните односи (ЗРО) соодветно го уредува наведеното прашање и дека уредувањето на уставно загарантираното право работниците да користат ден за неделен одмор треба да се гледа и во контекст на слободата на работодавците да го уредат распоредот на работното време во согласност со членот 125 став 1 од ЗРО, за да ги оптимизираат конкурентноста и продуктивноста на деловниот субјект.
– Деловните субјекти ги поддржуваат заложбите за зачувување на семејниот живот на вработените, бидејќи само задоволен работник може да биде продуктивен, но укажуваат дека рамнотежата меѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува и во однос на остварувањето на сите други права од работниот однос, а не само преку користење на неделата како ден за неделен одмор. Компаниите укажуваат дека ограничувањето на можноста за работа во недела или наметнувањето дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е редовен работен процес ќе влијаат врз продуктивноста и врз конкурентноста на регионалните, но и на глобалниот пазар. Истовремено, може да биде доведена во прашање атрактивноста на РСМ како дестинација за странски инвестиции – посочуваат од СКМ.
Можни загуби од директните приливи на девизи
Од Комората истакнуваат и дека во многу сектори природата на дејноста не дозволува прекинување на работните процеси (индустријата, производствен сектор), па потребни се дежурни служби, но и непречено работење на придружните дејности што се тесно поврзани со работењето на другите сектори (дистрибуција, достава, јавен превоз и превоз за сопствени потреби,).
– Доколку се размислува за посебни ограничувања во трговијата или во угостителството, треба да се има предвид како тоа би се одразило врз туризмот и какви би биле ефектите врз локалната економија на населените места во пограничните региони, на пример Битола, Гевгелија или Скопје (каде што граѓани од соседните држави патуваат за време на викенд во трговски и во угостителски локали во Македонија). Треба да се проценат можните загуби од директните приливи што овие лица ги оставаат во локалната економија – можност за загуба на „увоз на девизи“, како и ефектите од потенцијалните ограничувања што може да се одразат врз патувањето на наши државјани во соседните држави во недела заради посета на трговски или на угостителски локали што работат во недела – можност за „извоз на девизи“ – дополнуваат од СКМ.
Преставниците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека иницијативата за законско утврдување на правото неделата да биде неработен ден ја почнале уште минатата, 2019 година. Тие истакнуваат дека таа произлегла од барањата на членството и обраќањата на работниците, кои укажале на постојан работен ангажман во недела поради кој не се во можност да ја обноват работната сила и да одговорат на потребите на семејството.
– Сознанијата стекнати од комуникацијата со членството и работниците се дека работењето во недела во голем број компании е правило. Исто така укажуваат дека во компаниите не се вработува соодветен број работници, се настојува помал број вработени работно да се ангажираат за несоодветно обемни и сложени работни задачи, од работниците се бара континуирано работење во смени без соодветна ротација и сл. Сето ова, како и постојаната работа во недела, води кон нарушување на здравјето на работниците, а со тоа и кон намалување на продуктивноста. Преоптовареноста и континуираната работа без соодветен одмор се најчеста причина за повреди на работа и појава на професионални болести, кои несоодветно ги оптоваруваат здравствениот и пензискиот фонд и со тоа ѝ нанесуваат штета на целата заедница. Начин да се надминат овие негативни појави е да се преземат мерки за превентивно дејствување во насока на зачувување на оптималното здравје на работниците и граѓаните што се носители на деловните потфати без кои економијата не може да се одржува и развива – велат од ССМ.
Кои дејности се поврзани со процеси што не може да се прекинуваат
Според ССМ, здравствената криза ги смени навиките на граѓаните, па сега се прават набавки од неопходни продукти за подолг временски период, поради што би можело да се ограничи работењето во недела и во трговијата. Неработењето во недела, според ССМ, ќе го зголеми прометот во другите денови, со што ќе се обезбеди стабилност во работењето на компаниите.
– Убедени сме дека добрата организација, ангажирањето оптимален број вработени и зголемувањето на нивната продуктивност ќе придонесат неработењето во недела да нема негативни финансиски импликации. Службите неопходни за функционирање на државата треба да претставуваат исклучок. Работниците што ќе бидат ангажирани за работа во недела од овие институции да имаат право на зголемување на основната плата на работникот, најмалку за дополнителни 50 отсто за работа во недела, како и право на слободен ден во текот на неделата – истакнуваат од ССМ.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија посочија дека околу одлуката на Владата денот недела да се прогласи за неработен ден организирале анкета меѓу своите членови, која покажала дека повеќе од половината испитаници односно за 64,7 отсто е прифатлива политиката недела да биде неработен ден, но дека мора да се дефинираат исклучоци.
– Од испитаниците, 85 отсто сметаат дека извесни дејности за потребите на граѓаните треба да работат и во недела, затоа потребно е да се одреди кои дејности се поврзани со процеси што не може да се прекинуваат. Од сондажата како исклучоци беа истакнати шопинг-центрите што за време на викендите ги користат граѓаните, но има посетители и од соседните држави, здравствени установи, компании од прехранбена дејност, бензински пумпи, како и угостителски објекти за служење храна и пијалаци – посочуваат од ССК.