Американската федерална трговска комисија (ФТЦ) направи голем чекор кон можно распарчување на империјата на „Фејсбук“ преку поднесување на формална тужба против технолошкиот гигант, обвинувајќи го за злоупотреба на монополизираната моќ на социјалните мрежи за да ја задуши конкуренцијата, пишуваат светските медиуми.
ФТЦ и неколку американски сојузни држави исто така поднесоа тужба поврзана со аквизицијата на апликацијата Инстаграм од страна на „Фејсбук“ во 2012 година, вредна 715 милиони долари, како и поради зделката за комуникацискиот сервис „Вацап“ две години подоцна, вредна 22 милијарди долари. Зделките кои ги заобиколија регулаторите кога беа предложени, „имаа цел да ја притиснат конкуренцијата“, пишува во жалбата на комисијата. ФТЦ сега сака „Фејсбук“ да отстапи од двата бизниси, според идејата која претставува егзистенцијална закана за империјата изградена од Марк Закерберг.
Бидејќи голем дел од приходите на компанијата доаѓаат од Инстаграм и од Вацап, губењето на двете платформи би било закана за долгорочната вредност на „Фејсбук“. Акциите на компанијата кои годинава остварија раст од над 35 отсто, вчера забележаа пад од четири отсто, завршувајќи го денот на берзата со пад од околу два отсто.
– Раскинот на поврзаноста помеѓу компаниите е страшен за инвесторите бидејќи на некој начин би можел и да ги наруши бизнис-моделите – вели аналитичарот Ден Ајвс од „Видбуш сикјуритис“, додавајќи дека шансите за прекинување на поврзаноста на Фејсбук со Инстаграм и со Вацап се мали. Но и покрај тоа, знаците дека ФТЦ цели кон раскин ќе претставуваат удар врз акциите на „Фејсбук“. Компанијата ги купи ривалските платформи бидејќи очекуваше дека главната социјална мрежа еден ден ќе ја загуби популарноста. Раскинот на бизнисите би ги урнал повеќето планови на Закерберг за иднината, во време кога скапите инвестиции во Инстаграм и Вацап почнаа да се исплаќаат.