(Скица за ментален портрет на Македонецот)
Шифрите на менталната слика на Македонецот ги наоѓаме сублимирани во елиптични мисли и поговорки и во фолклорот. Карактеристична во таа смисла е и поговорката „ако сакаш да се најадеш и напиеш, појди кај сиромавиот, а ако сакаш да се наработиш, појди кај богатиот“. На поширок цивилизациски план тука сиромашниот но гостољубив и дарежлив homo balkanicus, а богатиот човекот на западниот либералкапитализам, материјално богат, но не и гостољубив кон странецот кон кого манифестира и ксенофобичност, нешто што не им е познато на сиромашните балкански народи, вклучително посебно и на Македонците. А за таа западна ксенофобија мошне експресивно и со остар критички тон зборува дури и Шекспир во својата драма „Томас Мор“, прекорувајќи ги студените сонародници Англичани за нивниот нехуман однос кон дојденците во нивната земја. Итн.
Така. Но западниот супрематистички човек не само што се брани од странците дома, користејќи ги само како евтина работна сила, туку дирекно се поставува почесто и како господар на послабите и посиромашните и кај нив дома.
Западниот колонијализам, особено во Африка и во некои други земји, јасно ја демонстрира таа супрематистичка ароганција, која е присутна и во некои полуколонијални земји доминирани со нивната економска и политичка моќ, какви што се тоа сега посебно земјите и народите на таканаречениот Западен Балкан, чиј кум е Европа. Меѓу нив и Македонија и Македонците, кои се чини од сите нив ѝ пружија најмал отпор на таа моќ. Ако се земе, пак, предвид нивната идентитетска ликвидација со преименувањето, речиси и не пружија. Оти сè околу и во врска со тој идентитетски колеж беше толку многу бледо и малодушно. А тоа посебно ја отвора и темата за менталната слика на колективната душа на Македонецот, која е составена од контрасти и контроверзии, но сепак и таква се склопува како целина. Оти сегде, па и кај нас, особено кај нас, неа ја градат како доблесните така и кукавиците, како храбрите така и малодушните, како родољубите така и изродите. Итн.
Може, за да се снајдеме во таа мешавина, драг читателу, треба да тргнеме од долгото, можеби најдолго од сите во Европа, искуство на Македонецот со порази, рани и катастрофи до речиси на моменти на целосно негово столчување, првин на Беласица 1014, за потоа како крваво торзо да се појави во својот кристален идентитет пак од катастрофа, со АСНОМ 1944 од Втората европска светска војна. Да, ама кратко траеше тоа, и еве го него пак до гуша во катастрофа со идентитетската смрт во Преспа 2018. И пак ќе чека некоја друга голема катастрофа, веројатно пак светска, за повторно да исплови на површина неговото идентитетски ликвидирано битие. Ќе чека оти Македонецот е трпелив, најтрпелив, до една патолошка граница, од сите преостанати балкански народи. Покрај другото, за таа негова ментална особина сведочат и имињата Трпе и Трпана, кои како означители на судбината се македонски раритет. Брендиран. И тој идентитетски бренд навистина никој не може да им го одземе на Македонците. Може да им го одземат и прогласат за свој херој Ѓорѓија Кастриот, преименуван во друга вера како Скендер-бег, Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самуил, Гоце Делчев, па и Филип и Александар Македонски со целата античка слава, но Трпе и Трпана никако, без разлика што никој додуша и не се отима по нив. Сè уште не им текнало на оние од Брисел и Вашингтон, или на балканските околни хиени од Софија, Атина и Тирана за да останеме и без тој бренд.
Оти ни го зедоа брендот дури и на ајварот, мастиката и ракијата. Сè. Нè оставија, и по наша вина, драг читателу, без гаќи и со гол газ на ветрометина на која секој може да нè јава кога сака и колку што сака со тиранска, софиска, атинска, бриселска и секаков друг вид платформа и платформисти. Оти ние сме Трпевци и Трпани и трпиме, надевајќи се на подобро, иако нашето историско искуство секогаш, па и денес, се одвивало во правец од лошо на полошо. Боже мил, има ли правда тука?
И знам, прашуваш, драг читателу, која е генезата на таа трпевска ментална црта на Македонецот. Да. А таа може да се скенира. Тука е првин уште од антиката отвореноста кон секого и кон сите на неговата космополитска душа. Проектот со светската држава на Александар Македонски во која нема ропство и сите народи со своите домородни идентитети и култури се еднакви и братски поврзани во една планетарна заедница меѓу себе. За разлика од римскиот проект, кој е супрематистички и асимилаторски; кој го усвојува Европа, клонејќи се настрана од македонскиот, од кого и денес потсвесно стравува, па имајќи го предвид тоа и не е случајна Преспа 2018. Тоа е тоа, оти отворената космополитска, искрена душа по дефиниција е понеотпорна од тврдата душа, во основа трибалистичка, иако завиткана во целофанот на хуманизмот и демократијата, каква што е всушност душата на западниот профитабилен „еднодимензионален човек“ денес.
Но треба да одиме понатаму за целосно да ја расветлиме менталната слика на Трпе и Трпана, како архетипски примери на сликата на македонската колективна душа. И немој да мислиш дека подготвувам докторат од областа на психоанализата, драг читателу. Не. Едноставно, ја спуштам сондата и во раната на сопствената душа како дел од колективната душа на Македонецот. На македонскиот Трпе.
Трпе. Архетип и на христијанската душа, која не му се противи на злото и мисли дека него ќе го надмине или преобрази во добро со страдање. Оти Македонецот со космополитски отворената душа на некој начин бил христолик и пред појавата на христијанството. Да го знаеше тоа и да ги познаваше Македонците, Достоевски сигурно ќе мислеше дека Русите не се осамени во својата христоликост, врз база на која тој, слично но и поразлично од Платон, ја сонуваше својата утопистичка теократска држава. Но ние сега, драг читателу, сме сепак кај Македонците.
По сето ова што го изложивме во кратки црти, и самиот веќе претпоставуваш зошто, имено, според божјо послание е пратен најревносниот Исусов апостол Павле во Македонија, пред тоа пресретнат во Троада од Македонецот за да го доведе во неа, а и за да му биде прирака на помош за неговото свето дело. И сè е јасно понатаму. Во Филипи во куќата на Лидија Македонката апостолот ја основа првата христијанска црква во Европа. Потоа втората во Бер. Итн. Тој во Македонците препознал кроток и богољубив народ, кој, за разлика од суетните пагански Грци со кои Павле имал мака, без никаков отпор го примиле христијанството.
И што зеле Македонците од христијанството, поучувани од Евангелието и апостол Павле. Ги усвоиле трите средишни столба на Христовото учење, во некоја смисла институционални: љубовта кон ближниот, понизноста и проштевањето. А за нив, за разлика од тврдокорните и суетни со паганска нарав Ахајци (Грците), со кои имал проблем да ги христијанизира Павле, не било тешко тоа како космополити. За нив никогаш не била непозната љубовта кон ближниот, и пак во една Христова проекција за секој жив човек како ближен, не само роднината и соседот како што може тесно да се сфати тоа. Не им била непозната затоа што со Александар Македонски први во светот ја граделе универзалната светска држава на сеопшто братство и љубов на народите во неа, далеку од сега вештачката творба на ЕУ, во која е повеќе присутна омразата, отворена или прикриена, отколку љубовта меѓу некои народи. Примерот со нашите хиенски соседи, па и односот на самата Вавилонска ороспија од Брисел кон нас е крунски пример за тоа. Тоа. Но што се однесува за љубовта кон ближниот, дури и кога ти направил и сè уште ти прави зло, таа толку многу до наивност е втемелена во македонското битие што и покрај сите историски голготи во долгите столетија, тоа пак останува отворено за љубов и пријателство со сите. И таа хуманистичка, земна, кај нив се поклопува со агапе, божествената небесна љубов. Таква, таа се втиснала во крвта и во генот на Македонците.
Постојат на секој чекор примери за тоа, но јас трагам, драг читателу, по некој крунски како царски печат за тоа. Да. И него го наоѓам кај нашиот богомил, поетот Рацин, кој го препозна Христос како прахуманист и комунист, заштитник далеку пред Маркс на сиромасите, во модерна варијанта: на светскиот пролетаријат. А да се дојде до социјална правда за сите не е потребна само револуција туку и љубов за да се исполнат нејзините начела на општо братство и солидарност. Не само меч и крв, како што тоа беше пример со Француската револуција на Бастилја со илјадници исечени глави. Да не зборуваме за Октомвриската во Русија, во која најсвирепо беше ликвидирано сосе децата целото царско семејство на Романови. Но да не се загубиме во дигресиите, кои сепак се потребни контекстуално, драг читателу. Рацин. Имено тој, по атавистичките патишта на колективната душа и ген, несвесно или не, ја обнови силно во новото гладијаторско римско време на западната антихумана цивилизација формулата: „Куќа цел свет“. „Ако куќа не направив / со високи шимшир порти / куќа цел свет братски ми е / братски срце што отвора“. Се надевам дека точно ги цитирав стиховите на поетот, драг читателу, од неговата утопистичка песна „Куќа цел свет“. Не гледав во книга. Па, треба нешто и да паметиме, не само универзитетски да бубаме, оти инаку ќе изумреме, како што и изумираме рапидно сега, не на рати, како што велат некои, туку директно со општа и во општа македонска катастрофа. Од неа утопистот Рацин, близнак на тој план на Достоевски, мислеше дека избавувањето на неговиот, но и на сите други онеправдани народи, на трудот црн народ, е социјалната правда и љубовта меѓу народите, создадени за „културен натпревар“ (Гоце), а не за натпревар во материјалниот канибалистички капитал каков што владее денес во западната колонијалистичка евроамериканска цивилизација, која себеси најбезобразно дури и се претставува за најдемократска и најхуманистичка.
Така, драг читателу, но и Рацин и Гоце, по кого сега се отимаат повампирените фашистички духови на Бугарија, колективно шизофрена, зарем не беа ликвидирани подло имено поради тој нивен утопизам опасен за цивилизацијата, која, како што рече и Хелдерлин, ги закопала сите „траги на светото“. Цивилизација што се фрли заради интелектуална лукавост и материјална и сензуална наслада во прегратката на Мефистофел (ѓаволот).
Долга дигресија. Но станува збор за принципот на љубовта кон ближниот како љубов кон целото човештво, како што ја сфаќаа неа Античките Македонци и како што ја сфаќаат неа и денешните, на кои им се врши целосна идентитетска ликвидација. Боже мил! Бескрајна, поголема и од самиот бескрај тема. Затоа минуваме на понизноста, Христовото начело што исто така, и според сведочењето на Павле во неговите брилијантни посланија, го прифатија без ропот Македонците, затоа што и нивната филозофија и практика за општа љубов меѓу народите пред тоа беа нешто слично. И практика, што звучи и како теорија на која можат да се налепат симулакромските бодријаровски постмодерни универзитетски интелектуалци. Имено, практично принципот наречен понизност Христос го реализира симболично како иницијациски свет обреден чин во миењето на нозете на апостолите на Тајната вечера пред Голгота. И што се случи тогаш: учениците беа до исплашеност вчудовидени од тоа. Учителот да им ги мие нозете. Но тој ги смири и им го објасни иницијацискиот чин што поучува и воведува во божествената намера и љубов да му се служи на другиот, а не исклучиво на себе за да се поништи егоизмот всаден, како што би рекол Павле, како трн што рие во човековото индивидуално битие. И, и овој Христов принцип го усвоија Македонците. Принцип против кој се буни и не го прифаќа суетниот интелект, не правејќи разлика меѓу поимите понизност и понижение, кои се поларно различни. Оти понизноста е скромност, христоликост, и е далеку од понижение, кое претпоставува, фројдовски речено, комплекс на пониска вредност.
Не. Понизноста како што ја проповеда Исус не е повреда на гордоста, туку нејзино приведување во епицентарот на божественоста. Вистинско обожествување на човековото битие, кое, за жал, воопшто не го разбра лакомиот материјалистички „еднодимензионален човек“ на западната цивилизација, која еден ден, гризејќи си ја опашката како Уроборусот, од лакомост самата ќе се проголта себе. Тоа не ѝ успеа со двете светски војни што ги предизвика, но во третата што е на повидок сигурно ќе ѝ се случи, бидејќи според божјата правда го заслужува, а и конечно да здивнат помалите и послаби народи колонизирани, исцрпувани и тормозени од неа. Меѓу нив и Македонците по страшниот од нив идентитетски колеж во Преспа 2018.
(продолжува)