На турнирот во Скопје во јануари во групата Ц ќе настапат Македонија, Турција и БиХ, бидејќи Данска го откажа настапот. На ЕП 2021 ќе се пласираат седумте првопласирани во групите и пет второпласирани со најдобар резултат во квалификациите

ОДБОЈКА

Македонија и Скопје (СЦ „Борис Трајковски“) од 11 до 16 јануари ќе бидат домаќини на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во одбојка, во Полска, Чешка, Естонија и во Финска.
На турнирот во групата Ц ќе настапат три репрезентации, Македонија, Турција и БиХ, бидејќи селекцијата на Данска го откажа настапот поради пандемијата на ковид-19, информираа од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Собирот на македонските репрезентативци е закажан за 15 декември, а подготовките, под водство на селекторот Никола Матијашевиќ, кој ја предводеше Македонија и на дебито на европските првенства, во 2019 година, ќе се одвиваат во Скопје.
На ЕП 2021 ќе настапат 24 репрезентации, а таму ќе се пласираат седумте првопласирани од групите и пет второпласирани со најдобар резултат во квалификациите.

Настап на ЕП 2021 веќе обезбедија деветте првопласирани селекции од минатото првенство, во 2019 година (Србија, Словенија, Полска, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија), како и репрезентациите на домаќините на континенталното првенство во 2021 година.
На минатото ЕП, во 2019 година, кое првпат се играше во четири земји (Франција, Словенија, Белгија и во Холандија), првпат настапи и репрезентацијата на Македонија, и тоа во групата Ц, во која забележа две победи, над селекциите на Белорусија и на домаќинот Словенија, со по 3-1, и само поради полошиот сет-количник од Финска не се пласира во осминафиналето.