Универзитетското студентско собрание (УСС) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) бара во новиот закон за младински стандард да се посвети посебна глава за емотивното здравје на студентите. Во овој дел, на универзитетите би се воспоставиле нови центри за психолошко советување и помош за студентите, а овие центри треба да обезбедат достапна и професионална грижа за психолошкото здравје на сите студенти
Пандемијата силно се одрази на емотивното здравје на најмладите академски граѓани
Младите во државава уште пред почетокот на пандемијата се соочуваа со зголемени нивоа на анксиозност, стрес и други психолошко-здравствени дисбаланси. За тоа предупредуваа и психолозите и психијатрите, кои укажуваа дека расте бројот на млади лица со кои работат на лекување анксиозност, депресивни епизоди и панични напади. Пандемијата дополнително го продлабочи проблемот, а дека тој е сериозен предупредуваат и од Клиниката за психијатрија, од каде што велат дека луѓето бараат помош при справувањето со овие состојби.
Универзитетското студентско собрание (УСС) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) неодамна побара во новиот закон за младински стандард да се посвети посебна глава за емотивното здравје на студентите. Во овој дел, на универзитетите би се воспоставиле нови центри за психолошко советување и помош за студентите, а овие центри треба да обезбедат достапна и професионална грижа за психолошкото здравје на сите студенти. До каде е реализацијата на оваа идеја и кога би можело да се очекува да профункционираат овие центри го прашавме првиот човек на универзитетското собрание, Борјан Ефтимов, како и надлежните во Министерството за образование и наука (МОН).
– Новиот начин на живот дополнително ја акцентира потребата од грижата за менталното здравје на студентите. И пред почетокот на кризата младите се соочуваа со зголемени нивоа на анксиозност, стрес и психолошки растројства, а ковид-кризата уште повеќе го влоши менталното здравје. Карантините, неизвесноста за иднината, отсуството на социјална интеракција и економските проблеми се само дел од компонентите што влијаат на менталното здравје. Ние како УСС сметаме дека студентите треба да имаат достапна грижа и простор за психолошка помош и советување, па оттука и произлезе нашата идеја за основање на овие центри во рамките на универзитетите. Во моментов студенти на психологија работат на истражување за менталното здравје на студентите и потребата од овие центри. Истражувањето би требало да се објави во декември, па очекувам тогаш да имаме и научна поткрепа на нашето барање – вели Ефтимов.
Како што информира тој, законот за младински стандард е во почетна фаза на подготовка, но има изгледи дека од септември/октомври идната година би можело да се очекува да профункционираат овие центри.
Во Министерството за образование и наука за „Нова Македонија“ велат дека групата „МОН – Млади“ е формирана токму во насока да даде придонес во креирањето на реформите во образованието во периодот пред нас, кои ќе ги опфатат сите нивоа и сегменти на образование, при што е предвидено фокусот да биде ставен и на зачувување на менталното здравје на младите, не само во услови на пандемија туку воопшто низ целиот воспитно-образовен процес.
– Посочената идеја веќе е имплементирана на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Министерството дава поддршка таа да се воведе и на УКИМ и веќе е испратен официјален допис до универзитетот за да достави до МОН барање за вработување психолози што ќе им даваат поддршка на студентите за време на студирањето, а во меѓувреме и да обезбеди и работни простории за овие стручни лица. Одговорот го очекуваме во најскоро време. МОН подготвува и нов концепт за основно и средно образование, кој ќе биде базиран на неколку клучни аспекти: квалитетот на предавањата, менталното здравје нa децата, еконастава, онлајн наставата, учење вештини наспроти мeморирање факти и инклузивно образование. Во насока на зачувување на менталното здравје на учениците, ќе работиме на јакнење на стручните служби во училиштата, на промена на пристапот на наставниците кон учениците, но и на воведување одредени нови наставни содржини што му посветуваат внимание на овој аспект – велат во МОН.
Едно истражување во САД, кое е објавено неодамна, покажува дека состојбата со менталното здравје на студентите во високото образование е загрижувачка, а за тоа придонела пандемијата на ковид-19. Од 195 студенти, 138 имале зголемен стрес и вознемиреност поради пандемијата на ковид-19.
Стресот, вознемиреноста и депресивните мисли кај студентите произлегуваат од стравот и грижата за сопственото здравје и здравјето на најблиските. Од 195 студенти, 177 пријавиле негативни влијанија од пандемијата, 173 пријавиле тешкотии во концентрацијата, нарушувања на начинот на спиење – 168, намалени социјални интеракции како резултат на физичко дистанцирање имале 167 студенти, а зголемена загриженост за академските обврски имале 159 студенти.