Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признаен од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи, порача премиерот Зоран заев на Фејсбук.
– Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза – додава Заев.
Ваквата изјава уследи откако претходно медиумите ја пренесоа изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
– По стар бугарски обичај, на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со колегата Заев – изјави Каракачанов.
Во изјавата Каракачанов ги повторува ставовите дека станува збор за бугарска, а не за македонска историја.