Изборот за книга на годината секоја година традиционално ќе се одржува во ноември
Деновиве од 10 до 20 ноември се избира книга на годината. Станува збор за „Ридерс чојс бук авордс 2020“. Номинациите се од издавачките куќи и жири е читателската публика. Како што информираат организаторите, на овој настан има голем одзив од гласачите и веќе се знаат фаворитите.
Се гласа во девет категории: трилери, романси, историски драми, женска фикција, нефикција, поезија, книги за млади, домашни автори и детски книги. И покрај овие девет награди ќе има и севкупен победник што ќе го одбере комисијата врз основа на вкупниот број гласови во сите категории, податоците добиени од библиотеките, продажбата во книжарниците, впечатокот за популарноста на книгите во читателските групи итн.
– Идејата за избор на книга на годината се крчкаше во мојата глава со години. Отсекогаш сум ги следела странските избори и награди од овој тип, ги има речиси во секоја земја, но особено со душа го чекам најголемото гласање за избор на книга на годината во светот, а тоа се наградите на „Гудридс“. Но книгите за кои се гласа на сите овие други странски избори речиси никогаш не се истите книги што ние ги читаме дома во текот на годината. Кај нас продукцијата секогаш малку доцни, за жал, затоа што не можеме да постигнеме да ги издадеме сите светски хитови баш во истата година. Па тоа правеше изборите малку да ја губат убавината за мене. Посакував да имаме домашен избор на книга на годината, со книгите што се издадени во нашата земја во текот на изминатата година.
Знаев дека настанот би бил многу интересен за македонските читатели, дека би било супер да се види што најмногу се читало во земјата таа година, а и сите ние да добиеме идеи што вреди да се прочита следно – ни изјави Ивана Спасев, главна уредничка на издавачката куќа „Сакам книги“ и иницијаторка на „Ридерс чојс бук авордс“.
Изборот за книга на годината секоја година традиционално ќе се одржува во ноември. Во него може да учествуваат книги издадени во периодот помеѓу двата избора, од ноември до ноември. Секој издавач од земјата има можност да испрати свои препораки/предлози, кои потоа ги разгледува комисија и прави селекција на номинации врз основа на: популарноста на книгите (меѓу читателите, во библиотеките, во книжарниците, на социјалните медиуми), бараност на книгите во сите библиотеки во земјата (имаме инпут на податоци од библиотекарниот КОБИС-систем), продажба на книгите (земаме предвид и годишни извештаи за продажба од неколку книжарници), светската популарност на книгите и нивните рејтинзи во странство итн. Како што ни сподели Спасев, оваа година најмногу номинации имало за жанровите: трилери, нефикција, домашни автори и детски книги и сликовници.
– Од досегашното искуство публиката претпочита странски автори, но сè поголем замав земаат и домашните автори, особено откако се појавија неколку нови интересни писатели со одлични книги, кои им ја разбудија љубопитноста на нашите читатели и им покажаа дека вреди да се читаат и домашни дела. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи да зема уште поголем замав – вели Ивана.
Како што информира таа, насловите што влегоа во финалната листа на номинации се добро познати помеѓу македонските читатели.
– Гласањето започна на 10 ноември и во текот на првите два дена веќе има околу 5.000 гласа во системот. Тоа е одлична бројка за една мала земја како нашата и засега сме пресреќни од повратниот ефект. Очекуваме до крајот на изборот да има уште неколку илјади гласа. Со гордост можеме да кажеме дека во оваа наша земја се чита апсолутно сѐ: од трилери, до романси, од детски книги, до безвременски класици, од научна фантастика до нефикција (психологија, бизнис, самопомош), од европска, до американска и азиска литература… Најбарани, секако, се комерцијалните дела, од автори како: Себастијан Фицек, Ју Несбе, Харлан Кобен, Лиса Клејпас, Џоџо Мојес, Е.Л. Џејмс – информира Спасев.