Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје сака да ја изрази својата благодарност до Министерството за образование и наука и до министерката Мила Царовска, поради доделувањето 15 стипендии за студенти што студираат македонска книжевност и македонски јазик на овој факултет.
На почетокот на октомври, соочувајќи се со намалениот академски интерес за македонистиката како студиум, делегација на Катедрата за македонска книжевност побара прием кај министерката Царовска. Во делегацијата беа: д-р Кристина Николовска, раководителка на Катедрата, д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководителка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и професорка, и д-р Венко Андоновски, професор.
И претходно сите членови на Катедрата беа свесни дека со процесите на евроинтеграција, природно, ќе опадне интересот за изучување македонски јазик и македонска книжевност и дека ќе порасне интересот за други, компетитивни академски дисциплини. Честопати и јавно укажуваа на потребата од владина поддршка и стимулирање на нашите идни студенти.
Од моментот кога ги соопштивме нашите потреби, до моментот кога, еве, им се радуваме на стипендиите со кои се стимулира изучувањето и на македонската книжевност и на македонскиот јазик, помина само еден месец. Пријатно сме изненадени што МОН и министерката не само што покажаа разбирање за академската состојба на македонистиката туку и брзо реагираа на нашите потреби. И веруваме дека ова е само прв чекор на една континуирана грижа од страна на Владата за македонскиот јазик, книжевност и култура. Нил Армстронг, кога го направи првиот чекор на Месечината, извика: „Ова е мал чекор за мене, но голем за човештвото“. Ние парафразираме, во знак на благодарност: „Можеби е ова мал чекор за МОН, но секако голем за нашите студенти“.
Најважно е што мислат тие. Еве дел од нивните мислења, изразени на ФБ на Катедрата:
Реакција на студентите
„Ова е беспрекорна можност за сите студенти на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, воедно и од страна на МОН поддржувајќи ги студентите што студираат на Катедрата што ја имала честа да го одржи првото предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје! Горд сум што студирам на оваа катедра!“
Пепи Стамков, студент
„Одлична можност за сите студенти на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности! Искрена благодарност до МОН, до раководителката на Катедрата, проф. д-р Кристина Николовска, и до сите други професори што придонесуваат за зачувување и истакнување на македонската книжевност и култура.“
Верица Мукоска, студентка
Ми дојде убаво на душичката, ме стопли информацијава!
Ова е одличен потег на МОН, конечно да ѝ се даде важност на македонистиката!
Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности добива 15 стипендии за студенти што во првата година од додипломските студии постигнале најмалку 8,00 просечен успех. Ова е одличен потег на МОН, конечно да ѝ се даде важност на македонистиката! Ова е огромен поттик за идните студенти, бидејќи тие не знаат што сѐ крие таа катедра. Останува на нас, кои имавме чест да бидеме дел од тоа семејство, да кажеме, прераскажеме, пренесеме… Да можам одново да се запишам, одново да ги доживеам сите тие години, верувајте ми, без размислување би се запишала! Да се биде дел од тоа семејство значи да се има можност да се учи од НАЈГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ што сум ги запознала во овие мои скромни години. Едно сум сигурна! Секој студент што ќе ја избере оваа опција ќе стане дел од најубавото семејство на планетава!
Ќе научи како се сака македонскиот јазик, култура, книжевност, а пред сè ќе има чест да го научи тоа од најдобрите професори!
Александра Спасевска, некогашна студентка
Ова е гест за пофалба, првенствено до МОН, кои несебично и искрено од оваа година ја вклучија можноста за конкурирање на стипендии од областа на македонистиката, а со тоа направија чекор напред кон нејзино возвишување и промовирање, воопшто. Среќа е да се студира јазик и книжевност, особено доколку тоа се изучува и работи со љубов.
Андреј Јанков, студент
Реакција на професорите
Е, вака се тргнува во одбрана на македонскиот јазик и македонистиката! Со децении се залагавме за ова, ама институциите беа глуви, и кога изгубивме надеж – се случи сепак ова. Чекорот е можеби мал (имаше нашата катедра и други предлози и далекогледни анализи и визии за тоа како се брани македонскиот јазик и идентитет), ама сепак е историски!!! Ајде студенти, направете го потребниот исчекор.
проф. д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ
„Одлична поддршка на македонистиката, во вистинско време! Голема благодарност до МОН од Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Ова е празник за македонистиката! Да го славиме и да го оправдаме со нашата мисија…“
проф. д-р Кристина Николовска
Искрено се надеваме дека МОН ќе продолжи да ја унапредува соработката со катедрите и факултетите задолжени за развој на македонистиката и дека бројот на идните студенти ќе се зголеми до толку што ќе имаме потреба веќе в година да побараме поголем број стипендии, дури и за вториот и третиот циклус на студии. Не се сомневаме дека ќе бидеме правилно разбрани од МОН, на чие чело сега стои министерка полна разбирање за македонистиката. Тоа го докажа со овој чекор.
Ова е навистина прекрасна вест. БРАВО за Катедрата, за слухот на МОН и за љубовта и посветеноста со која си ја работите вашата благородна работа. Дај боже истата радост да ја дочекаме и за стипендирање на втор и трет циклус на студии од светата ни област македонистика. Привилегија е да се биде дел од оваа просветителско-книжевна и јазична фела. Во ова време-невреме ваква светлина дава искрена надеж и ја грее душата. Браво уште еднаш. Честитки за Вашиот искрен ангажман.
М-р Мими Спасова-Блажевска, дипломирана професорка
Чест ми е што дипломирав на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности и што имав можност да учам од најдобрите професори! Пофалба за МОН, но и за раководителката на Катедрата, проф. д-р Кристина Николовска, и другите професори, кои се неуморни, прекрасни луѓе, полни со енергија. Професори од кои има што да се научи! Со оваа одлука на МОН, младите полесно ќе се решат да го направат вистинскиот избор за студирање!
Ивана Велиновска-Боцева, дипломирана професорка