Со операција спроведена од турската крајбрежна стража спасени се 25 мигранти кои биле вратени назад од Грција и оставени во Егејското Море, со што бил загрозен нивниот живот, пренесува „Анадолија“.
Според „Анадолија“, чамецот, кој превезувал десетици илегални мигранти, меѓу кои и деца, бил истуркан од грчките безбедносни сили назад во турските територијални води во Егејското Море, и бил забележан од страна на турските беспилотни летала на 9 ноември.
На снимката, објави „Анадолија“ се гледа како два брода на грчката крајбрежна стража го туркаат чамецот со 25 мигранти од сопствените територијални води кон турските територијални води.
Во текот на изминатите месеци се забележани неколку извештаи според кои грчките сили нелегално ги враќале назад чамците со мигранти.
Турција е клучна транзитна рута за мигрантите кои сакаат да стигнат во Европа за да започнат нов живот, особено за оние што бегаат од војна и прогон.
Земјата претходно оваа година ги отвори границите за илегалните мигранти кои сакаат да преминат во Европа, обвинувајќи ја ЕУ дека не ги исполнила своите ветувања според Договорот за мигранти од 2016 година.