Викендов по осми пат во питорескното село Белица, Кичевско, се одржаа традиционалните „Белички средби – 2018“. Годинешната манифестација беше збогатена со учество на голем број познати естрадни ѕвезди, фолклорни ансамбли, поетско читање, а за вистинските гурмани беа приготвени и вкусни специјалитети.
Целокупната програма се одвиваше во кругот на реновираната црква „Свети Ѓоргија“, каде што за вакви пригоди е изграден и специјален амфитеатар. Покрај постојаните жители, дојдоа и граѓаните што водат потекло од овој крај од Македонија и од странство, бидејќи овој крај е надалеку познат по своите печалбари во Европа, Америка и во Австралија.
– Средбите по традиција изобилуваа со богата културно-уметничка програма. Така, во музичкиот дел учествуваа вокалните солисти: Спасен Сиљаноски, Орце Богданоски, Влатко Лозаноски, групата „Екстра-бенд“ со солистката Јована Јакимова, Елена Јовчевска, Џесика Плашоска, групата „Молика“, а настапија и игроорците од КУД „Бисер“ од Кичево. Во поетското читање учествуваа познатите поетеси: Виолета Секоска, Милица Паулус, Наташа Наумоска, Оливера Ширгоска и други. Средбите беа можност нашите луѓе од дијаспората да се сретнат и запознаат со младите што постојано живеат и работат тука, да слушнат за проблемите и за прогресот на Белица и во иднина да инвестираат во родното село, што ќе овозможи негово заживување – истакна Раде Момироски, координатор на овие средби.
Расположените беличани крајот на средбите го збогатија со општонародна веселба, во која учествуваа сите присутни на овој настан.