Баку планира да побара надомест на штета на имот од Ерменија за време на примопредавањето на областа Калбаџар, рече азербејџанскиот претседател Илхам Алиев за време на неговата посета на градот Џабраил, пренесува ТАСС.
– Ние сме во центарот на Џабраил. Ниту една неоштетена зграда, ниту една! Изградена е само воена единица, а останатата инфраструктура – куќи, згради и училишта – беа уништени – рече Алиев ветувајќи дека Ерменија ќе одговара за сето тоа пред меѓународните судови.
– Ќе бидат поканети меѓународни експерти и штетата пресметана, ќе бараме обештетување – рече азербејџанскиот претседател, нагласувајќи дека Ерменија ќе одговара за изгорените куќи и училишта во Калбаџар и за исечените дрвја.
Областа Калбџар е прва од трите територии кои ќе бидат под контрола на Баку во согласност со заедничката изјава на лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија, со што се стави крај на ескалацијата во Нагорно-Карабах.
Обаста треба да му биде целосно предадена на Азербејџан до 25 ноември. Покрај тоа, Баку ќе ја преземе контролата врз областа Агдамски и областа Лачински до 20 ноември, односно 1 декември.
Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.
Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
Од 1992 до 1994 година тензиите ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии, кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.