Решавањето на територијалните спорови во соседството на Стариот Континент засега во Брисел минува премолчно, додека Русија и Турција, неочекуваните победнички во конфликтот во Нагорно Карабах, активно се вклучени во процесот. Според аналитичарите, тоа е така бидејќи фокусот на ЕУ во моментов повеќе е насочен кон ситуацијата во Белорусија
Повеќе од јасно е дека потпишаното примирје помеѓу Ерменија и Азербејџан ефективно ќе ги прекрои границите во регионот на Кавказ. Етничката ерменска енклава ќе опстане, но значително помала во однос на територијата што ерменските сили ја контролираа на почетокот на конфликтот, откако ги загубија вториот најголем град и повеќе помали места и села. Сепак она што е нејасно е зошто решавањето на територијалните спорови во соседството на Европа засега премолчно минува во Брисел, додека Русија и Турција, неочекуваните победнички во конфликтот во Нагорно Карабах, активно се вклучени во решавањето на повеќедеценискиот конфликт. Ова меѓу другото го наведува во своја анализа „Би-би-си“, истакнувајќи дека мапата на Европа е променета сосила, само за неколку недели, притоа додавајќи дека е неопходно да има поголема вклученост на Брисел во случувањата меѓу Ерменија и Азербејџан. Како што истакнува медиумот, со делумен исклучок на Франција, Европската Унија во целост е отсутна од официјалниот процес за решавање на конфликтот.
Слаба надворешна политика на ЕУ
Според Штефан Мајстер, германски познавач на состојбите, ЕУ тешко може да изврши некакво влијание врз Ерменија и Азербејџан.
– Поради безбедносни прашања, ЕУ се држи целосно настрана. Двете земји се дел од источното партнерство на Унијата, но со нив нема договори за асоцијација како оној со Украина, што би значело поголема финансиска поддршка. Самиот јужен Кавказ е повеќе маргинален регион од перспектива на Брисел или на повеќето земји-членки, особено затоа што многу внимание веќе е насочено кон ситуацијата во Белорусија, случајот со труење на Навални или новиот конфликт во Киргистан – вели Мајстер.
Русија и Турција имаат корист од конфликтот?
Во меѓувреме, додека ЕУ е „глува“ за војната во Нагорно Карабах, има две други сили што извлекоа корист од конфликтот и напорите за негова разврска, а тоа се Москва и Анкара. За Турција, војната во Нагорно Карабах беше приказ на зајакнатата улога на Анкара во стратегиски важниот јужен Кавказ. Некои извештаи укажуваат дека турски офицери одиграле клучна улога во спроведувањето на нападите со дронови што имаа одлучувачки удел во конфликтот, иако официјална Анкара го негираше тоа. Претседателот Реџеп Таип Ердоган исто така изрази силна дипломатска поддршка за Азербејџан. Победата покажува дека Турција стекна значително влијание во регионот. Истовремено, исходот од војната, а особено начинот на склучување на мировниот договор е победа за Русија. Само пред неколку недели, поради значајните напредувања на Азербејџан и видеоснимките на кои беше прикажано како современите дронови ги уништуваат советските тенкови на Ерменија, Москва беше во лоша позиција, а претходно важеше за регионален хегемон, кој сега не можеше да ја спаси Ерменија, нејзиниот единствен сојузник во јужен Кавказ.
Ризици во иднина
Сепак, најголемиот ризик за Европа во периодот што следува ќе биде несигурноста на мировниот договор на кој посредуваше Москва. Договорот со кој се гарантира присуство на руските мировници ќе истече за пет години, по што Азербејџан и Ерменија ќе бидат во позиција да повикаат за нивно повлекување. Шансите за постигнување решение на конфликтот се многу мали, а со оглед на емоциите кај двете страни и нарушеното статус кво, невозможно е Баку и Ереван да постигнат согласност во годините што следуваат. Поради ова во годините што следуваат на Брисел можеби ќе му биде потребна соработка со САД, но и со другите светски сили што овој пат целосно беа отсутни од сликата, за да се реши во целост проблемот во Нагорно Карабах.