Џил Бајден е добро запознаена со светлата на политичката сцена, а по победата на нејзиниот сопруг Џо, поранешната втора дама на САД ќе има можност да ја модернизира улогата на прва дама во 21. век, така што ќе ја задржи професорската позиција.

– Повеќето Американки го балансираат деловниот и приватниот живот, но на првите дами тоа никогаш не им беше дозволено. Сепак, можеби дојде времето кога повеќе Американци би се чувствувале удобно со прва дама која во Белата куќа не е достапна 24 часа на ден – вели Кетрин Џелисон, професорка по историја на Универзитетот во Охајо.

Џил Бајден со години е доверлив советник на нејзиниот осум години постар сопруг.

Како прва дама, таа се очекува да работи во областа на образованието и повторно да ги покрене Здружените сили, мисија за обединување на воените семејства што таа и Мишел Обама ја иницираа во 2011 година.

Бајден е исто така и професорка, мајка, баба и карпа што го турка Бајден напред по трагедијата што го погодила пред скоро пет децении.

Џо Бајден во 1972 година го доживеал незамисливото – неговата сопруга и ќерка загинале во сообраќајна несреќа. Тој останал сам со двата сина кои биле повредени.

Џил Џејкобс е родена во 1951 година и пораснала во предградие на Филаделфија. Нејзиниот татко од службеник во банка станал менаџер, а мајка и била домаќинка.

Џил се развела од првиот сопруг кога го запознала Бајден, вдовец, кој секојдневно патувал од Делавер до Вашингтон, каде што работел како американски сенатор.

Двојката се венчала во 1977 година, а Џил станала нова мајка на неговите синови Хантер и Бо. Семејството Бајден има и ќерка Ешли, родена во 1981 година.

Додека се грижела за семејството, Бајден се стекнала со две магистерски дипломи. Таа исто така има докторат во сферата на образованието и сега предава на Универзитетот во Вирџинија.

Двојката оттогаш поминала две неуспешни претседателски кандидатури на Џо, осум години како потпретседател во администрацијата на Обама и смртта на неговиот син Бо, по битка со ракот.

– Таа нè крена на нозе. Таа е неизмерно силна и лојална – рече Бајден во видео порака во август на демократска конвенција, додека опишуваше колкаво влијание има Џил врз семејството со многу трагедии.

Бајден стана втора дама во 2009 година кога нејзиниот сопруг стана потпретседател за време на мандатот на Барак Обама. Таа присуствувала на важни настани со првата дама Мишел Обама и се има појавено на јавни настапи.

Се чини дека и овој пат, кога Бајден седна во овалната соба на Белата куќа, Џил и натаму ќе биде еден од неговите најефикасни и најмоќни поддржувачи.