Истрагата за поврзаноста на напаѓачот со други лица,како што изјавија министерот за внатрешни работи наАвстрија, Нехамер, и генералниот директор за јавна безбедност Руф, оди по две линии: првата кон Швајцарија и втората кон Македонија, од каде што по потекло се родителите на терористот Кујтим Фејзулаи
Австриската полиција во центарот на голема координирана меѓународна антитерористичка операција
Австрија и Европа и натаму се силно потресени од грозоморниот терористички напад што се случи во понеделникот. За потсетување, терористот Кујтим Фејзулаи отвори оган врз случајни минувачи во центарот на Виена, при што четири лица беа застрелани, а уште 23 беа ранети, по што и напаѓачот беше егзекутиран од страна на полицијата.
Веднаш по терористичкиот чин, австриската полиција презеде голема акција низ Виена, а и низ Австрија, за да открие евентуални соучесници и соработници на терористот Фејзулаи. Притоа беше уапсена поголема група на лица за која постои основано сомневање дека е поврзана со нападот.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, во своето обраќање во Националниот совет, информира дека полицијата направила брза и решителна акција и извршила 15 апсења.
Тој издвои дека осум од 15-те уапсени по терористичкиот напад во Виена и претходно биле лишувани од слобода и судени за разни кривични дела. Имено, четворица од нив биле осудени за терористички престапи, двајца за разни насилни злосторства и двајца за обид за т.н. убиство од чест во австрискиот град Линц, на северот на земјата.
Според австрискиот генерален директор за јавна безбедност, Франц Руф, двајцата осудени за обид за убиство од чест добиле долги затворски казни. Едниот бил осуден на десет години затвор во 2012 година и бил ослободен во 2017 година, додека другиот на пет години и шест месеци. Тој бил ослободен во 2015 година.
– Беше можно да се идентификува сторителот (застрелан од службени лица) по само четири часа. Благодарение на брзата идентификација и прецизната истражна работа, претресите во куќите беа брзо извршени истата вечер – рече министерот Нехамер.
Истрагата за поврзаноста на напаѓачот со други лица, како што тврдат министерот за внатрешни работи Нехамер и генералниот директор за јавна безбедност Руф, оди по две линии: првата кон Швајцарија и втората кон Македонија, од каде што по потекло се родителите на напаѓачот.
Во истрагата се вклучени и двајца претставници на Европол, кои веќе се во Виена и кои им помагаат на австриските власти за подобра координација во рамките на меѓународната соработка со истражните органи на други земји.
– Австриската полиција преку Европол достави барање за соработка и информации за овој случај и од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се постапува – соопшти македонското МВР, со што потврди дека и во земјава се истражува дали виенскиот напаѓач имал логистика и поддржувачи тука.
За еден од осомничените што беа уапсени од страна на австриската полиција има индиции дека во јули оваа година заедно со напаѓачот отишол во Словачка, каде што Фејзулаи набавил муниција. На списокот на уапсени лица на австриските органи за безбедност за кои се има основи на сомневање дека се поврзани со извршениот терористички акт се 12 лица, и тоа: Кујтим К. (16), Бурак К. (22), Али К. (25), Исмаил Б. (20), Александар Р. (22), Узеир А. (19), Еркан Б. (28), Арѓенд Г. (22), Арсун М. (22), Истаикве А. (18), Аријанит Ф. (21) и Мерт Ц. (23).
Има и други осомничени лица, но истите тие се на возраст меѓу 16 и 28 години. Повеќето од нив живееле во Виена, двајца осомничени биле жители на Сент Пелтен, додека еден на Медлинг.