Единствен проблем со кој моментално се соочуваме е како да го прескокнеме август, оти овој проклет месец е еден невоспитан провокатор, кој упорно се обидува да му застане на слободоумното граѓанство на патот кон ЕУ и НАТО. „Сега е момент да ги истребиме сите што се против ЕУ и НАТО, особено овој проклет август“, ќе крикне Тито Берија Беличанец, инаку исто така иноватор, кој следната година планира да конкурира со својот оригинален изум „Голи Гулаг, Штази Че Ка“. А тој, месецот август, навистина е невиден провокатор
Може Србите си имаат „Егзит“, Хрватите „Ин фестивал“, ама па ние си имавме „НАТО-фест“ и тоа низ цела Македонија. Може Србите си имаат висок и смешен премиер, Хрватите си ја имаат разиграната претседателка, која изгледа секси под накиснатиот од дожд дрес, ама ние си имаме октроиран лидер, кој мртов ладен го „залапа“ пенкалото на Столтенберг. И после не сме биле рамо до рамо со другите балкански држави. А бе, може Хрватите освоија второ место на Светското првенство во фудбал, ама па ние си го имаме иноваторот Геровски, кој си лапна 150.000 евра за печатница. Печатница, печатница него како, Гутенберг може вода да му носи. Во научните кругови веќе на големо се шушка дека генијалниов иноватор в година планира да седне под јаболкница и да чека јаболко да го ѕвизне по глава за да ни докаже дека постои гравитација, па и ние во него да препознаеме светски бренд како „Епл“.
Единствен проблем со кој моментално се соочуваме е како да го прескокнеме август, оти овој проклет месец е еден невоспитан провокатор, кој упорно се обидува да му застане на слободоумното граѓанство на патот кон ЕУ и НАТО. „Сега е момент да ги истребиме сите што се против ЕУ и НАТО, особено овој проклет август“, ќе крикне Тито Берија Беличанец, инаку исто така иноватор, кој следната година планира да конкурира со својот оригинален изум „Голи Гулаг, Штази Че Ка“. А тој, месецот август, навистина е невиден провокатор. Уште нерасонет, а ете ти го на календарот, 2 август. И што да прави со тој проклет 2 август еден обичен и прогресивен, евроатлантски настроен, северноцрпнат припадник на интелектуалната бижутерија? Па, на тој факинг 2 август некои небањати доктори и даскали одлучиле да кренат востание за слобода на Македонија. Што е крајно бесмислено и нелогично кога сите нормални знаат дека слободата првпат ја измисли иноваторот Заев.
Да, да, не е само иноватор туку и револуционер, затоа што откако тој, во името на слободата што ја измисли, го „залапа“ пред сите пенкалото, ја започна новата ера во која сите оние што до вчера живееја „во плакар“, сега слободно и јавно да можат да се „лапаат“, општат, склопуваат брак и посвојуваат деца со своите пенкала. Само што проклетиот 2 август не застанува тука со своите провокации. Мртов ладен се обидува да нè убеди дека токму на тој ден, банда нецивилизирани ликови создале држава Македонија, па уште напишале и Устав.
Што е крајно глуп спин, кога сите знаат дека Македонија е грчка, а иноваторот Заев, за да не останеме со прст, наместо пенкало, во уста, ни ја измисли Северна Македонија и, кај и да е, ќе лапне Нобелова награда во областа на нуклеарната глупост. Тука мора да се спомене уште еден голем северноцрпнат иноватор, кој со својата генијалност се има издигнато во највисоките светски научни кругови. Значи не го составија Уставот некаквиси таму бандити и шумкари скриени зад терористичката скратеница АСНОМ, туку лично иноваторот Фрчковски, во својата лабораторија, првпат на светот му го покажа своето ново откритије, наречено Устав. Како и секое првенче, нормално беше неговиот изум да биде фаличен, но тој, долготрпеливо работејќи, додавајќи и одземајќи, конечно состави животворен Устав, кој светот го препозна под кодното име Франкенштајн.
Инаку, Фрчковски како иноватор не е познат само по уставниот Франкенштајн. Тој има поставено неколку математички проблеми, кои не можат да ги решат ни најголемите светски математичари. Тука ќе наведам само еден пример. Хунзите од Пакистан се Антички Македонци што дошле со Александар Македонски, кој е Македонец и предок на денешните Македонци, кои не се Македонци, туку граѓани на Република Северна Македонија, затоа што античка Македонија е грчка, при што автоматски станува јасно дека Александар Македонски е Грк, па оттука, секој што тврди дека Хунзите се Македонци е непоправливо сељачиште, кое сака да шири нецивилизирана антиквизација и треба да се раштрафи со француски клуч. Овде мора да се спомене уште еден генијален иноваторски ум од големата северноцрпната лабораторија за идентитетски инженеринг, а тоа е иноваторот Борјан Јовановски. Тој по едно грозоморно убиство, кое полицијата проба да го скрие, а Јавното обвинителство да го релативизира, како некој северноцрпнат доктор Балтазар, го измисли спасоносното решение наречено образование и светот падна во несвест од восхит. Залелека Норвешка што нема ваков иноватор кај себе, оти ако Борјан им го откриеше образованието со време, немаше оној идиотон Брејвик да убие толку народ во еден ден.
Да заклучиме, сите гореспоменати генијални иноватори во наредниов период ќе работат во своите лаборатории на еден единствен експеримент, а тоа е како да се прескокне проклетиот август, сосе оној одвратен 8 септември што доаѓа потоа. Оти, август не е само 2 август, туку и 10 август, кога големите светски сили, преку своите новосоздадени држави, си ја делеа Македонија, зашто така ѝ треба, и која не им припаѓа на Македонците, затоа што тие се нецивилизирано племе, па затоа иноваторката Ида Протуѓер измисли топшоп-изум што прекуноќ ја претвора во цивилизирана северноцрпната граѓанка.
Е, тука па се јавува проблемот што мора да се реши, а се нарекува 8 септември, затоа што една мала група небањати суштества што себеси се нарекуваат Македонци, тврдат дека на тој ден се случил референдум на кој огромен број такви како нив изгласале самостојна држава и се договориле да се вика Република Македонија. Што се коси со сета научна вистина создадена од северноцрпнатите иноватори од лабораторијата за идентитетски инженеринг. Прво, не може да постои 8 септември кога не постои ни 2 август. Второ, не може да има Република Македонија кога иноваторот Заев ја измисли Република Северна Македонија. И трето, не можело да има референдум вчера, кога референдум ќе има утре.
Па, затоа големите северноцрпнати иноватори смислија и референдумско прашање, кое гласи: „Дали сте и кога не сте, за влез во ЕУ и НАТО, каде што мора да влезете дури и ако не сте за влегување и тоа како Втората страна според договорот меѓу Република Грција и Република Македонија, која не смее да се вика така, туку Република Северна Македонија, зашто во спротивно ќе мора да заборавите на ЕУ и НАТО, а тоа значи дека ќе цркнете од глад и Албанците ќе ве нападнат, па ако не ви се црка од глад додека ве убиваат, нели најпаметно е да заокружите ДА, то ест дека сте, сеедно што можеби не сте, а и па кој ве онади ако не сте, бидејќи и да не сте, ние ај што нема да ве есапиме за живи, туку и ќе објавиме дека сте, па вие сега видете, а, а?“