Две европски држави (Франција и Австрија) во расчекор од неколку седмици беа завиени во црно поради загубените животи во серија терористички напади организирани од Исламската држава, а спроведени во Париз, Ница и во Виена. Во последниот од нападите учествуваше и радикален исламист, етнички Албанец чии родители водат потекло од Македонија

Терористите сакаат да посеат страв низ Стариот Континент

Со временска дистанца од само неколку недели по бруталните убиства во Франција, терористички истрели вчера го изрешетија срцето на Европа, Виена. Во нападот на џихадистите во австриската престолнина загинаа најмалку четири лица, а 17 други се тешко повредени. Според информациите на австриските власти, еден од неколкутемина напаѓачи е радикален исламист и етнички Албанец чии родители потекнуваат од Македонија. Станува збор за лицето Кујтим Фејзулаи, кој е роден во Модлинг, а неговите родители, според лиферуваните информации, се по потекло од тетовското село Челопек.

Во меѓувреме, австриската полиција соопшти дека нападите биле извршени на шест различни локации во центарот на градот. Властите веруваат дека имало повеќе вооружени напаѓачи, кои дејствувале симултано и организирано.
– Се чини дека се работи за терористички напад – рече министерот за внатрешни работи Карл Нехамер за јавниот сервис ОРФ, додавајќи дека напаѓачите биле вооружени со пушки.

Да не дозволиме да бидеме заплашени од тероризам

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, осудувајќи ги нападите, оцени дека станува збор за „одвратен терористички напад“ и најави дека земјата ќе се бори против оваа опасност со сите расположливи средства.
– Мило ми е што полицијата успеа да неутрализира еден од напаѓачите. Никогаш нема да дозволиме да бидеме заплашени од тероризам и ќе се бориме против овие напади со сите средства – изјави австрискиот канцелар Курц.
Тој истакна дека сите што имаат врска со ова гнасно злосторство ќе бидат приведени.
– Но нема да влеземе во неговата замка. Мора и ќе се бориме против тероризмот, но не смееме да испуштиме од вид дека нашиот непријател е исламскиот екстремизам, кој сака да создаде раздор во нашето општество. На таа омраза нема да ѝ дадеме простор. Нашите непријатели не се припадници на една верска заедница, или луѓе што доаѓаат од некоја одредена земја, туку екстремисти и терористи, за кои нема место во нашето слободно општество. Не смее да има толеранција кон нетолеранцијата. Тоа не е судир на христијаните и муслиманите или на Австријците и емигрантите, туку борба на сите луѓе што веруваат во мирот, тоа е војна на цивилизацијата и варварството, која решително ќе ја водиме – истакна Курц.

Индиции дека зад нападите стои Исламската држава

Слично на Курц, и австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, се обрати по нападите, нарекувајќи го напаѓачот „терорист“, каде што на прес-конференција ги повтори повиците до граѓаните да останат дома, наведувајќи дека напаѓачот, кој носел лажен појас со бомби околу себе, бил симпатизер на милитантната организација Исламска држава.
– Вчера доживеавме напад од барем еден исламистички терорист, ситуација што Австрија ја немаше со децении – рече Нехамер.

Фејзулаи го најавил нападот на Инстаграм

Во контекст на актуелните настани, за обележување се информациите објавени во германскиот весник „Билд“, во кои се соопштува дека џихадистот Фејзулаи го најавил нападот во Виена со фотографии на социјалната мрежа Инстаграм, каде што позирал со оружјата. Како што објави весникот, сторителот објавил и писмо за лојалност кон Исламската држава, но неговиот профил неколку часа по нападите е блокиран. Покрај тоа, „Билд“ известува и дека Фејзулаи утрото пред нападот им испратил две снимки на двајца познаници, на кои наводно биле видени слики од нападот врз францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“ од 2015 година.
– Тој потекнуваше од сосема нормално семејство. За мене тоа беше тинејџер што беше доволно несреќен да стекне погрешни пријатели. Да не одеше во џамија, туку на бокс, ќе станеше боксер – рече виенскиот адвокат за кривична одбрана Николаус Раст, кој го застапувал Фејзулаи на рочиштето во Виенскиот регионален суд.
Во меѓувреме, како што наведуваат австриските медиуми, Фејзулаи кон средината на јули заминал во Словачка за да набави калашников. Таму отишол со автомобил што е во сопственост на мајка на еден од осомничените што се во бегство. Од друга страна, во текот на минатиот ден од македонското МВР соопштија дека тие од австриската полиција преку Европол добиле барање за случајот со убиениот напаѓач во терористичкиот напад во Виена.
Според македонската полиција, во насока на меѓународната полициска соработка, таа веднаш постапила.


Поддршка од светските лидери за Виена и за Европа

Во таа насока, во текот на вчерашниот ден со свои реакции на случувањата во Австрија се јавија и светските лидери, соопштувајќи дека тие се единствени во осудата на завчерашното пукање во Виена. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Французите ги споделуваат шокот и тагата со австрискиот народ. Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е длабоко шокиран од страшниот напад во Виена, посочувајќи дека Обединетото Кралство со мислите е со народот на Австрија.
– Ние сме единствени со вас против теророт – изјави Борис Џонсон.
На социјалните мрежи по нападите во Европа, претседателските кандидати на САД, Доналд Трамп и Џо Бајден, изразија сочувство за настаните во Австрија.