Како што растеше ова чудовиште од корона и се зголемуваше бројот на заразените и починатите, така и моите сништа се приближуваа кон реалноста. И порано сум сонувал приказни многу блиски до животот, но овие месеци тие како да почнаа да се претопуваат со будниот дел од стварноста.
На пример, го сонувам мајстор Менде како ја поплочува терасата, вели: „Не може вака нерамно, ќе скршите нога, што сте чекале досега“ и продолжува да си зборува онака како што тој умее. Јас нешто се врткам околу, како што инаку правам со мајстори кога поправаат по дома, одвреме-навреме го бодрам: „Еј, како ја погоди плочката кај работ, алал да ти е!“, па го прашувам, онака другарски: „А може ли, Менде, едно пивце? Да прездивнеш малку?“, а тој ми одговара, не погледнувајќи ме, зафатен со работата: „Пивце уште не, ама можеш да ми купиш бурек, четвртина со месо“. Мислам јас (во сонот мислам), од кај му е сега оваа идеја да трчам за бурек. Баш глупаво. Сигурно пред „Милениум“ чекаат во редица со маски.
Така, доста нервозен, се будам, утро е, слушам некој долу мајсторисува на големо. Во пижами се симнувам по скалите и го гледам Менде кај терасата, не ја поплочува како во сонот, ама ја мести влезната врата оттаму и гласно ми довикува: „Стана, газда? Е па, добро утро. Или добар ден е. Може ли по едно ладно ’скопско’?“
Ноќва, пак, ми се случи ваков сон – сакам да си прилегнам, на истиот кревет на кој инаку спијам, но попладне е, не е мрак, се покривам со волнено ќебенце кога слушам „ѕѕѕ…“,… и низ целиот понатамошен сон, што баш и не беше краток, ја бркав безуспешно натрапничката мушичка, додека не се разбудив. Се разбудив, ама зуењето не престана. Мушичката од сонот се престори во вистински комарец пикнат во моето уво.