Historia magistra vitae est. Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.
Во овој контекст воопшто не треба да се наседнува на провокациите што доаѓаат од Бугарија, туку треба да се афирмира она на што го кажува Улф Брунбауер, од Универзитетот во Регенсбург, Германија, познат историчар и важен проучувач на настаните од овој регион. Тој ги следи настаните однадвор и тоа го објаснува вака:
„Ова не е најдобриот начин да се дружите: да му кажете на вашиот претпоставен пријател дека она во што тој или таа верува, е ѓубре. Вистинските пријателства значат прифаќање на различни мислења, а исто така и добрососедските односи меѓу земјите зависат од прифаќањето на разликата. Ако Бугарите сакаат да бидат добри пријатели со Македонците, зошто не се започне со признавање и дискутирање на воените злосторства извршени од бугарските окупаторски сили на македонска територија за време на Втората светска војна? Ова, всушност, е многу поважно прашање од тоа дали некој во 19 век се нарекувал Бугарин или Македонец. Јасно е дека бугарските барања главно ја се насочени кон домашната публика, тие треба да им покажат на Бугарите каков голем бранител на националната гордост е нивната сегашна влада“.

На што нѐ подучуваат поблиското и подалечното минато? Без да се филозофира многу, првото на што треба да му се укаже на Бојко Борисов и на неговата камарила, е да се потсети на еден голем европски државник. Вили Брант, како германски канцелар, отиде во посета на Полска и во центарот на некогашното Варшавско гето, клекна понизно и побара простување за фашистичките злодела пред Споменикот на полските Евреи, кои завршија во гасните нацистички комори. Камерите на светските репортери го овековечија тој момент, како парадигма на покајување и барање проштавање од денешните генерации за злоделата на нивните претци.
На Бојко Борисов треба да му се укаже на оваа лекција на цивилизирано европско однесување и да дојде во Скопје и да се поклони пред Споменикот на Евреите, кои по сервилното однесување на бугарските фашисти кон Хитлеровите нацисти, беа однесени, со вагони за превоз на жива стока (крави и волови), во логорот на смртта во Треблинка.
Покрај ова, треба да му се укаже дека треба ист таков чин да направи пред Споменикот на убиените македонски херои, чии животи згаснаа во бугарскиот фашистички участок, што се наоѓал каде што е сега блокот од Градскиот ѕид, спроти градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“. На фасадата сведочи споменик што говори за тој бугарски фашистички злостор.

Третото поклонение и барање прошка е бугарското покајание пред Споменикот на ваташките младинци, убиени во моклишкото поле, во Тиквешијата.
За негирањето дека во Бугарија нема македонско население, на Бојко Борисов треба да му се упати следново прашање: „Зошто на Тодор Живков, кога тој беше негов телохранител, не му се спротивставил, кога Македонците од Пиринска Македонија ги пресели на црноморскиот брег?“ Возрасните ќе ги избрише времето, а младите ќе се претопат во Бугари, како што и се случило. Но заборавивте да ги смените и имињата на тие места, кои се чисто македонски.
Бугарија треба да ја доживее таа покајаничка катарза, за да може да бара рамноправно место во ЕУ.

Милан Аџиевски