Ми укажаа голема чест со тоа што во мојата книжевност препознаа мировни пораки и ставови и ми овозможија да бидам дел од познатиот „Голем школски час“ во светски рамки. Бев изненаден од поканата, но и јас ги изненадив членовите на советот кога им открив дека и мојот дедо по мајка е стрелан на Шумарица, изјави Андоновски за „Нови магазин“

Македонскиот писател Венко Андоновски е автор на драмскиот текст „Изрешетани души“, според кој беше изведен традиционалниот сценско-театарски спектакл „Големиот школски час“, државна манифестација посветена на стреланите 3.500 работници и ученици во Крагуевац, на 21 октомври 1941 година. Драмскиот текст ќе биде печатен на српски јазик, како дел од повеќетомната едиција „Голем школски час“, заедно со другите автори што пишувале на оваа тема.
Со ова најпопуларниот и најчитан македонски автор се најде во друштво на Душан Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Милован Витезовиќ, Љубивое Ршумовиќ, Мира Алечковиќ, Бранко В. Радичевиќ, Драган Данилов, Видосав Стевановиќ, Оскар Давичо…, кои во последниве 50 години пишувале сценарио за школскиот час. Режијата на спектаклот ѝ беше доверена на младата но истакната режисерка Јана Маричиќ, а улогите ги толкуваат еминентни српски актери.
Поканата од Крагуевац го изненади авторот, а тој уште повеќе ги изненади крагуевчани.
– Ми укажаа голема чест со тоа што во мојата книжевност препознаа мировни пораки и ставови и ми овозможија да бидам дел од познатиот „Голем школски час“ во светски рамки. Бев изненаден од поканата, но и јас ги изненадив членовите на советот кога им открив дека и мојот дедо по мајка е стрелан на Шумарица – изјави Андоновски за „Нови магазин“.

Тој додаде дека во почетокот имал трема, која потоа се претворила во чувство на голема одговорност кон крагуевачката трагедија и луѓето што тогаш ги предале своите души.
– Се запрашав со што ќе се претставам пред дедо ми во Шумарица и почнав да го пишувам она што го носев во срцето – вели Андоновски.
Според него, приказната барала минимум фантазија и фикција, бидејќи животот веќе режирал сѐ што се случило тој ден.
– Мајка ми тогаш имала само четири и пол години. Тоа утро од татко си побарала да ѝ купи кифла за појадок, а тој, и покрај предупредувањето на Германката Елза, која живеела во нивната куќа, да не излегува на улица, бидејќи фашистите веќе почнале во рации да собираат луѓе и да ги носат во Шумарица, излегол до пекарницата на аголот на улицата. Купил кифла и леб, бил уапсен покрај пекарницата и наредниот ден бил стрелан. Поради тоа верував дека дедо ми Бранко навистина бил стрелан со кифлата во раце, како што се случува и во драмата, бидејќи таа кифла за него не била леб туку неговата ќерка – вели Андоновски во интервјуто за „Нови магазин“.

Како што раскажува, неговата мајка Верица по ова е однесена во сиропиталиште и денес сѐ уште живее со грижата на совест дека го одвела татко си во смрт. За драмскиот текст „Изрешетани души“, кој го напиша за оваа пригода, Андоновски вели дека тоа е како „дедо му да го повикал да го затвори кругот“.
– Сигурен сум дека тој пред стрелањето не можел ни да замисли дека еден ден неговиот внук ќе дојде во Крагуевац и дека ќе му биде доделено да го напише сценариото за „Големиот школски час“. Тоа не е моја имагинација, тоа, според мене, е божја помисла – заклучува нашиот писател.