Во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, минатиот четврток, се одржа фолклорна работилница во која учествуваа десетина ученици од посебните паралелки при ООУ „Страшо Пинџур“ од овој град, заедно со нивниот наставник Зоран Велков. Работилницата се одржа во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2020“, која е дел од проектот „Фолклорна работилница за лица со посебни образовни потреби“.
Предавач на работилницата беше Методи Глигоров, дипломиран етнокореолог, кој преку интерактивна презентација успеа учесниците да ги запознае со работата на фолклорниот ансамбл „Тиквеш“.
– Јас сум фасциниран од децата и од тоа како денеска се одвиваше целата работилница. Најпрвин им го претставив фолклорниот ансамбл, потоа народните традиционални инструменти и дел од народните носии. Заедно игравме, пеевме и се дружевме. Немам зборови со кои би опишал колку убава енергија имаше.
Реализиравме една преубава работилница и, сигурно, на наредниот концерт на ансамблот „Тиквеш“ ќе учествуваат неколку од овие деца, како наши гости. Морам да признаам дека сум фасциниран од едно дете што е глувонемо, а толку прекрасно игра и заслужува да го доживее својот прв јавен настап на сцена – вели етнкореологот Методи Глигоров.
Во ова време на пандемија, кога поголем дел од денот децата се затворени во своите домови, според наставникот Зоран Велков, работилницата била вистинско освежување и поминала во една прекрасна релаксирана и топла атмосфера.
– Децата беа воодушевени и посакаа повторно да бидат учесници на слична активност. За среќа, наставата во посебните паралелки се одвива со физичко присуство, меѓутоа учениците доаѓаат на настава преку еден ден, а паралелките се преполовени, така што во целост е можно да се практикува комплетно индивидуален пристап со секој ученик. Досега во посебните паралелки нема регистрирано дете заболено од ковид -19 или пак член на нивно семејство, па, така, наставата се одвива непречено – изјави нивниот наставник Зоран Велков.
Работилницата се одржа со примена на сите протоколи за работа во услови на ковид-19. Ми.М.