ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд, темелена на европски искуства и воведена практика во повеќе земји од Европа, а во насока на помош и заштита на стандардот на граѓаните за оневозможување исклучување од струја каде најпогодени се социјално ранливите категории на граѓани, изјави Стојанче Геровски.
„Власта преку политизираната Регулаторна комисија дозволи покачување на цената на струјата, што подразбира поскапи сметки, а посиромашен народ, згора на тоа кршејќи го Уставот се дозволува неограничено исклучување на струја со што особено се погодени најзагрозените категории граѓани“, рече Геровски.
Со самоволното исклучување на струјата од страна на Универзалниот снабдувач на електрична енергија, додаде тој, оваа институција самоволно и без никаков акт на надлежен орган, самата себе се става во позиција на извршител, наметнувајќи товари кон граѓаните кои се апсолутно недозволени. Сето ова, кажа Геровски, е дозволено од Владата и одговорните институции.