Споменикот на културата во Старата скопска чаршија, кој се користи како галерија, е затворен за посета
„Чифте-амам“, еден од четирите објекти на Националната галерија на Македонија, заштитен споменик на културата, кој се користи и како галериски простор, е затворен за посетителите поради почнатите работи за негова санација. Почнатите работи ќе траат два месеца и за тоа време е предвидено да биде заштитен покривот со изведба на хоризонтални и вертикални олуци за одбрана од атмосферски води, ќе се гради дренажен канал на источната страна на објектот, екстериерот, ќе се санираат сите оштетувања од влага во ентериерот – во депоата, во изложбениот простор, со изведба на специјална заднина со панели по должината на западниот периметрален ѕид.
Според Националната галерија на Македонија, планирано е пренаменување на простории во функционален изложбен простор со визуелен контакт со хипокаустот и дислокација на портирницата, ќе биде изведена и заштитна покривна конструкција на надворешната источна страна врз огништето, а ќе се санира и громобранската инсталација.
Проектант на основниот проект за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер) е Лазар Шуманов, а проектот опфаќа и воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на овој споменик на културата, кој се наоѓа во Старата скопска чаршија.
Изведувач на работите за реконструкција и санација е друштвото за промет, производство, транспорт и услуги „МАКАУС“. Инвеститор на целиот проект е Министерството за култура.
Амамот е граден во втората половина на 15 век, како завештание на Иса-бег со површина од 1.056 квадратни метри. Во 2000 година ѝ е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје.